Министерот Бектеши додели признанија на најуспешните туристички работници по повод Светскиот ден на туризмот

27.09.2019 13:57:13

Скопје, 27.09.2019  Честитајќи им го Светскиот ден на туризмот - 27 Септември на традиционалната манифестација што Министерството за економија ја организира секоја година, министерот за економија Крешник Бектеши додели над 50 признанија за најуспешните поединци, здруженија и деловни субјекти од туристичкиот сектор, во повеќе различни категории како: хотел, со поткатегориите: спа, градски, езерски, планински; ресторан; туристичка агенција генерално и  агенција за дојдовен туризам; туроператори; манифестација; туристички водич, како и најдобар проект од областа на туризмот. Министерот Бектеши се заблагодари на сите чинители од стопанскиот, научниот и културно-општествениот живот во Република Северна Македонија, кои на директен или индиректен начин со своето професионално делување имаат влијание врз развојот на туризмот во земјава.

„Оваа година овој светски настан се одржува под глобалното мото „Туризам и работни места: подобра иднина за сите“. А отварањето на нови работни места кои ќе генерираат раст и просперитет на државата е и една од заложбите на Владата на Северна Македонија. Статитиката говори дека само минатата година за 16% е зголемен бројот на туристи кои ја посетиле Северна Македонија, додека во првите шест месеци годинава растост е 2,1%. Бројките говорат дека иако во 2018 година ги постигнавме сите очекувања, односно го надминавме бројот од 1 милион туристи и оваа фискална година ќе оствариме поволен девизен прилив од туризмот и угостителството, истакна министерот Бектеши.

Министерот информираше дека статистиката на Светската организација за туризам на Обединетите нации, покажува дека едно од секое 11-то работно место во светот е генерирано - индиректно или директно - од туризам, и овие бројки, во кои се вклучени милиони луѓе од сите страни на светот, се во пораст. 

„23- тото Генералното собрание на СТО го прогласи туризмот за третата најголема извозна индустрија во светот по хемискатa и нафтената индустрија, која носи надеж, просперитет и разбирање за толку многу луѓе и представува можност за подобар живот низ целиот свет. Современиот туризам денес преставува рефлексија на економските и општествените појави, а со оглед на големата динамика во овој сектор, неопходни се брзи реакции и одговори на сите предизвици и прашања“ потенцираше Бектеши.

Што се однесува до признанијата, за првпат годинава, покрај туристичките работници преку своите деловни здруженија,  предлози за најуспешните во споменатите категории можеа да даваат и самите потрошувачи, поточно туристите, согласно распишаниот конкурс кој траеше до 9 септември.

 

Признанија >>>