Средба Бектеши-Петкова: Северна Македонија има интерес да биде дел од Белене, преговорите за изградбата на нуклеарната централа започнуваат на почетокот на 2020 година

01.10.2019 09:57:24

Софија, 01.10.2019  Интересот за учество на Северна Македонија во изградбата на нуклерната централа Белене во Бугарија е уште еден чекор за продлабочување на соработката во делот на енергетиката. Северна Македонија сака да биде партнер на Бугарија во изградбата на овој важен енергетски капацитет за што бенефит ќе има целиот регон.

Министерот за економија Крешник Бектеши на средбата со министерката за енергетика на Бугарија,Теменужка Петкова истакна дека Владата и Министерството за економија во наредниот период ќе работат на реализација на проекти за енергетско поврзување на двете земји. Северна Македонија во изминатите две години, како што потенцираше Бектеши направи големи реформи во енергетскиот сектор и целосно ја транспонираше европската регулатива.

„Имаме потполно нов Закон за енергетика во кој се транспонирани европските регулативи. Работиме напорно да ги зголемиме капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори, посебно од сонце и за таа цел преминавме од фидинг тарифи на премиум тарифи. Првиот јавен повик за изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште кој беше објавен пред неколку месеции е многу успешен е пример во регионот. На јавниот повик пристигна понуди од инвеститори кои бараат 0 евра премиум од државата за произведената струка, истакна министерот Бектеши.

Во делот на снабдување со електрична енергија министерот Бектеши уште еднаш го изрази интересот на државата да учествува со 10% во изградбата на нуклеарната централа Белене и да купува 10% од произведената струја, за што министерката Петкова потенцираше дека е од исклучително значење за Бугарија.

„Нуклеарната централа Белене е таков проект кој може да го реши дефицитот на струја во регионот. Освен Северна Македонија, за учество во проектот пристигна понуди од 13 стретешки инвеститори. До крајот на годината ќе направиме конечна листа на стратешки партнери кои се во трка за учество во изградбата на нуклеарната централа и на почетокот на 2020 година ќе ве поканиме на техничко ниво и вие како држава и заинтересирана страна да започнете преговори со приватните инвеститори за учество во Белене“ истакна министерката Петкова.

Министерот информираше за инвестициите кои ги прави државата во изградба на гасификационата мрежа, и изрази интерес за побрза изградба на интерконекциската врска за снабдување со природен гас од Бугарија на потегот Петрич-Струмица.

Во рамки на посетата во Софија, министерот Бектеши оствари средба и со министерката за туризам на Бугарија, Николина Ангелкова. Како обврска превземена на првата македонско-бугарска меѓувладина Комисија за економска соработка, министерот Бектеши и достави на министерката Ангелкова, предлог Меморандум за соработка во туризмот. Двајцата министри договорија откако работни групи од двете страни ќе ја подготват финалната верзија на Меморандумот истиот да биде потпишан во ноември во Северна Македонија.

Целта на Меморандумот е двете земји да ја зголемат соработката во делот на туризмот преку заеднички презентации на трети пазари, но и да се поттикне соработката на туристичките оператори меѓу двете земји за зголемување на туристичките посети.

Според податоците од Министерството за туризам на Бугарија минатата година над 560 илјади Македонци туристички ја посетиле Бугарија, а во првите осум месеци годинава регистрирани се над 360 илјади туристички посети од Северна Македонија.