Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер оствари средба со министерот за економија Дритон Кучи

27.05.2016 08:53:07

 

Инвестициите во енергетиката основа за економски развој во земјата

Создавање на услови за имплементирање на промените во енергетскиот сектор во насока на обезбедување на континуиран развој и инвестиции, беше главна тема на средбата помеѓу министерот за економија Дритон Кучи и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер.

На средбата Петер го информираше министерот за економија за досегашните инвестиции во реконструкција на постојната и изградба на нова дистрибутивна мрежа во насока на подобрување на квалитетот на дистрибуцијата и снабдувањето на потрошувачите, како и забрзување на процедурите за поврзување на енергетскиот систем за компаниите како предуслов за водење на бизнис во земјава. Во овој сегмент направен е голем напредок од стана на ЕВН Македонија, што е нотирано и во извештајот на Дуинг бизнис на Светската банка.

Според министерот Кучи, енергетската политика е еден од клучните сегменти, бидејќи без развој на енергетиката нема ниту развој на реалниот сектор, па оттаму во фокусот на Министерството за економија е создавање на регулатива која ќе креира услови за развој на енергетскиот сектор, особено пред престојните силни структурни реформи во овој сектор, поради што соработката помеѓу Министерството за економија и компаниите е од особено значење.

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер на средбата посочи дека ЕВН, како важен дел од енергетскиот сектор, продолжува да инвестира во модернизација и подобрување на услугите во сегментот на дистрибуција и снабдување, што претставува еден од главните предусловите за имплементирање на реформите во енергетскиот сектор и поголемо приближување до стандардите на ЕУ.

Покрај ова, на средбата стана збор и за досегашната соработка помеѓу ЕВН Македонија и Министерството за економија во рамките на проектот „Платформа за енергетска ефикасност“, во кој двете страни реализираа низа активности во насока на поголема афирмација и примена на енергетската ефикасност.

Согласно препораките на Енергетската заедница Македонија треба да постигне енергетски заштеди од 9% до 2018 година.