Политичката и економската стабилност ја донесе германската компанија Герешајмер која ќе отвори 400 работни места

24.10.2019 10:08:07

 

Од денеска започнува финалната фаза од градбата на фабриката на германската компанија „Гересхajмер“ која ќе има 12.500 квадратни метри, во која првите производи наменети за фармацевтската и медицинската индустрија ќе започнат да се произведуваат на почетокот на втората половина од 2020 година и во која ќе бидат отворени 400 работни места.

По тој повод денеска во ТИРЗ 2 во Бунарџик се одржа пригодна свеченост на која Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев истакна дека го радува определбата на менаџерите за нови инвестиции, за проширување на капацитетите и за нови работни места.

„Политиките даваат резултат. Креираме позитивен економски амбиент во земјата. Сите крупни политички одлуки што ги направивме всушност беа заради економскиот развој, за поддршка на инвестициите, за нови работни места, за повисоки плати. Посветеното работење на привлекување на нови реномирани странски инвеститори, на одржување на добри контакти со постоечките инвеститори, но и на поттикнување на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети и да инвестираат во нови капацитети е политика којашто досега беше доминантна и ќе продолжиме сите во таква насока“, рече премиерот Заев. 

Тој додаде дека во моментот само во Бунарџик, во ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2 се реализираат 12 нови објекти на странски инвеститори, чијашто вредност е околу 155 милиони евра. Во првата фаза овие компании вработуваат околу 1100 лица, а согласно нивните бизнис планови вкупниот број на новоотворени работни места треба да достигне над 4.300.

Одлуката на „Гересхајмер“ да инвестира во Северна Македонија е една од двете инвестиции што дојдоа непосредно после потпишување на Протоколот за членство во НАТО.

„Политичката и економската стабилност ни овозможи ниво на вредност на странските инвестиции кои кршат рекорди од самостојноста на земјата. Не застануваме тука. Работиме на силна индустријализација базирана на високи технологии и добро платени работни места за нашите граѓани“, нагласи Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев, и додаде дека забрзано ќе продолжиме во фаќањето чекор со развиените земји за да обезбедиме работа за сите во компании како „Гересхајмер“, со високо ниво на технолошкиот процес.

Заменик претседателот во Владата на Северна Македонија задолжен за економските прашања, Кочо Анѓушев во своето обраќање на денешниот настан го потенцираше фактот што инвестицијата на „Гересхајмер“ го потврдува трендот на привлекување високо технолошки компании. 

„Ме радува што од сите дестинации „Гересхајмер“ ја избра Северна Македонија. Оваа компанија има 40 фабрики низ светот, вработува 10.000 работници и има годишен обрт од 1,4 милијарди евра. Тоа е компанија која не прави компромиси со квалитетот зашто од нивните производи зависат животите на луѓето“, истакна Анѓушев.

Од своја страна, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека оваа инвестиција потврдува дека сме на вистинскиот пат како Влада во привлекувањето и поддршката на странските инвеститори.

„Не радува што оваа компанија е дел од оние што доаѓаат со напредна технологија. Ме радуваат и зборовите на менаџерите на „Гересхајмер“ дека се чувствуваат како дома што значи дека нудиме услови кои се блиски до нивните деловни планови за развој“, истакна Бектеши.

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во нашата земја Томас Герберих во својот говор на настанот рече дека Северна Македонија е дел од Европа и заслужува членство во ЕУ, и дека Германија ќе продолжи да ја дава својата целосна поддршка. 

„Во таа насока ние ќе продолжиме да ги мотивираме нашите компании да инвестираат во Северна Македонија. Во повеќе од 200 компании во кои има германски капитал се вработуваат 20.000 граѓани на Република Северна Македонија. Нашите инвестиции ќе учествуваат во натамошното создавање на здрава економија во земјата за да биде конкурентна на европскиот заеднички пазар“, подвлече амбасадорот Герберих.

Потпретседателот на „Гересхајмер“ Оливер Бургел и извршниот директор Дитмар Зимсен изразија голема благодарност за поддршката за време на подготовките и за реализацијата на инвестицијата од страна на Владата на Северна Македонија и Дирекцијата за технолошко развојни индустриски и истакнаа дека одлуката да инвестираат во Северна Македонија, меѓу другото, е донесена и заради потенцијалот на стручните луѓе со висока мотивација да бидат ангажирани во фабриката, како и заради совпаѓањето на политиките за развој на „Гересхајмер“ со поддршката на Владата за странски инвестиции.