Министерот Бектеши ја додели дванаесеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики 2019

02.12.2019 14:19:24

Скопје, 02.12.2019   „Приватната деловна активност игра клучна улога за решавање на предизвиците за одржлив развој со својата креативност, инвестиции и иновации. Но, поддршката на  Владата, односно ресорното Министерство за економија е неопходна за поттикнување на приватниот сектор. Ние, како министерство, ја потврдивме посветеностa во преземањето мерки и креирањето политики за поттикнување на општествена одговорност и изработивме Среднорочна стратегија за општествена одговорност на Република Северна Македонија 2019-2023 која што минатиот месец беше усвоена и од Владата. Стратегијата ги следи препораките на Европската Комисија и активностите за промоција на одржлив развој, донесени од Обединетите Нации, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на дванаесетата традиционална годишна манифестација - Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија, во организација на Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност (КТООП).

Оваа година на конкурсот за наградата се пријавија вкупно 30 проекти од 22 македонски претпријатија. На конкурсот за наградата аплицираа 7 мали и средни претпријатија со 7 проекти и 15 големи претпријатија со 23 проекти.

Традиционално, и оваа година најмногу проекти се пријавени во категоријата „Вложување во заедницата“. 23% од вкупниот број апликации се од претпријатија кои првпат се јавуваат на Наградата.

Според министерот Бектеши тоа претставува потврда дека Наградата успева секоја година да го прошири семејството на македонски претпријатија кои применуваат општествено одговорни практики, што е добар показател за континуираниот интерес на македонските  претпријатија за учество во Наградата.

Претседателот на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата,  Александар Николов, им се заблагодари на апликантите за Наградата што работат посветено на воведување на инспиративни општествено одговорни практики во работењето и истакна дека има позитивен тренд нашите претпријатијата своите проекти да ги спроведуваат во соработка со граѓански организации, установи и други претставници од непрофитниот сектор.

Кус осврт на годинешната награда даде и претставникот од Министерството за економија Маја Ќурчиева.

„Претпријатијата традиционално аплицираат со најмногу проекти во категоријата „Вложување во заедницата“, категориите „Однос кон вработените“ и „Односи на пазарот“ беа изедначени. Најголем број од пријавените компании се од финансискиот и услужниот сектор (по 23%), образование (14%) и ИКТ сектор, прехранбена и градежна индустрија (по 9%). Речиси една четвртина од апликациите е од претпријатија кои првпат се јавуваат за Наградата. Убедливо најголем дел од апликантите – 95% - се со седиште во Скопје“ информираше Ќурчиева.

Добитници на Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатијата 2019, во вид на статуетки во петте различни категории на наградата, се следните општествено одговорните проекти на:Македонски Телеком АД Скопје („Let’s Go Beyond“); Тинекс-МТ ДООЕЛ Скопје („Покров“); ЕВН Македонија АД Скопје („Електромобилност со ЕВН“); Пивара Скопје АД (Обуки за млади „Вештини за успех“); ГДи ДООЕЛ Скопје („ГДи заедница“); Парти Сервис Лео ДООЕЛ Скопје („Проект за донација наменет за грижа, поддршка и помош на бездомни лица“) и ЦБЦ Колектив ДОО Скопје („Komunicira.me“).

Проектите кои влегоа во потесен избор за доделување на статуетка, се наградуваат со Плакети, со кои беа наградени проектите на:

Фармахем ДООЕЛ Скопје („Биди здрав, биди вреден!“); Пивара Скопје АД („Обуки за вработените за етичко управување и усогласеност“); ГДи ДООЕЛ Скопје („ГДи академија“); ЕВН Македонија АД Скопје („Гласни раце во ЕВН“); Адора Инженеринг ДООЕЛ Скопје („Со традиционално неимарство до здрав и современ дом“); Охридска банка АД Скопје („ОБСГ Клуб на таленти“); Рудник Саса ДООЕЛ Македонска Каменица („Платформа за поддршка на заедницата“) и Цементарница УСЈЕ АД Скопје („Соработка за поквалитетно образование и кариерни можности“).

Во конкуренција од 30 проекти од сите категории, Признанието за најинвентивна практика го доби проектот „Komunicira.me“ на малото претпријатие ЦБЦ Колектив ДОО Скопје.

На сите останати проекти, организаторите им доделија Благодарници за учество во Наградата, како признание за вложениот труд, време и средства.