Министерот Бектеши на отварање на бензинска станица на Пуцко Петрол под брендот ОКТА: Продолжуваме со поддршка на домашниот бизнис за нови инвестиции и нови работни места

11.12.2019 14:06:03

Скопје, 11.12.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се обрати на свеченото отварање на новата бензинска станица на Пуцко Петрол со брендот ОКТА лоцирана во населбата Автокоманда. Министерот во своето поздравно обраќање го изрази своето задоволство што уште една домашна компанија реализира нова инвестиција од пет милиони евра и што со оваа инвестиција се отвараат нови 70 работни места.

„Ние како Министерство за економија континуирано ги поддржуваме нашите домашни претпријатија со цел да ги зголемат нивните инвестиции тука во Северна Македонија. Владата е посветена на домашниот бизнис, а тоа го покажавме со Планот за економски раст. Оваа инвестиција уште еднаш покажува дека креираме бизнис клима во интерес на бизнисот. На инвеститорите им посакувам успешна работа, да продолжат со зголемување на инвестициите во Северна Македонија што ќе значи отварање на нови работни места, подобри услуги за граѓаните, но и да продолжат да работат и да станат регионални играчи за снабдување со деривати и природен гас“ истакна министерот Бектеши.

Главниот извршен директор на ОКТА Јанис Геруланос кажа дека со оваа бензинска станица малопродажната мрежа на ОКТА се зголеми на вкупно 27 бензински станици низ целата држава.

„Денеска семејството на ОКТА стана побогато со својот 27-ми член. Сега нашите потрошувачи можат да најдат се на едно место-горива со врвен квалитет, одлична услуга, авто перална, мини маркет и светски познат ланец на храна“, истакна Геруланос.

На отварањето на бенизнската станица присуствуваше и градоначалникот на општина Гази Баба и бројни партнери и соработници.