Тетово и Гостивар следната година ќе добијат гас

13.12.2019 20:03:46

13 декември, 2019  Изградбата на гасоводната мрежа се одвива со силно темпо и се очекува магистралните гасоводи да бидат завршени во текот на 2020 година, истакнаа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за економија Крешник Бектеши при денешниот увид во изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. 

Гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар е со вкупна должина од 86 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 29 милиони евра. Составен  дел изградбата на овој гасовод се и 6 блок станици и главно мерни регулациони станици за „Тетово” и „Гостивар“. 

„Гасификацијата на земјата е наш врвен приоритет и максимално сме посветени на изградбата на магистралниот гасовод. Имаме околу 90% реализација за оваа година со последната реализирана ситуација, односно инвестирани се преку 1 милијарда и 300 милиони денари.  Следната година започнуваме со нови проекти. Ја продолжуваме изградбата на гасоводна мрежа од Гостивар кон Кичево и започнуваме со изградба на гасовод од Велес до Свети Николе за што веќе се водат преговори за финансирање.

Гасификацијата е круцијално значење за економијата и е од бенефит како за граѓанит така и компаниите, за животната средина и за општеството во целост“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. 

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека дирстибутивната мрежа ќе се гради преку Јавно приватно партнерство за што веќе Владата формирала комисија. 

„ Земајќи ги во предвид капацитетите на општините и праксите на поразвиените градови, планирано е дистрибуцијата на гасот да се врши преку Јавно приватно партнерство. Веќе е донесена Одлука на Влада и формирана е Комисија составена од членови на засегнатите институции и институциите директно поврзани со процесот на гасификација во нашата држава, а подготовката на т ендерската документација е во завршна фаза и за кратко време ќе биде објавен јавен повик. Исто така, сакам да истакнам дека работиме и на новиот интерконектор со Грција, кој нашата држава ќе ја поврзува со ТАНАП и ТАП во јужниот дел, што е особено значајно и од геополитички аспект, имајќи во предвид дека во моментов имаме само еден крак преку кој се снабдуваме со гас, па со тоа ќе се намалуваат и цените на гасот од што бенефит ќе има и државата и сите граѓани“ – изјави министерот за економија Крешник Бектеши. 

Според директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи, магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе биде завршен во првата половина на следната година, а веднаш потоа ќе се започне со серија тестирања, по што до крајот на 2020 година гасот ќе биде пуштен во употреба. 

„Магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар е во должина од 78 километри плус крак Тетово во должина од 10 километри и досега имаме реализирано околу 70% од градбата Во тек е и изградбата на мерно регулационата станица во близина на Тетово, со капицитет од 22 000 м3 /час  или на годишно ниво 192 000 000 м3, доволно за целосно снабдување на Полошкиот регион“, – истакна директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи. 

Градоначалниците од Тетовско-Полошкиот регион истакнаа дека гасификацијата е од огромно значење за локалната економија, како и за намалување на загадувањето во градовите. 

„Брзото темпо на изградба на магистралниот гасовод, ни дава и нам обврска, како општини побрзо да работиме. Општина Тетово го заврши идејниот проект за 20 километри дистрибутивна мрежа и при крај сме со изработка на техничкиот проект за 10 километри дистрибутивна мрежа до јавните објекти“ – изјави градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.