Колемишевски на доделување на наградите „Претприемач на годината 2019“: Ќе продолжиме да ги поддржуваме малите и средни претпријатија кои се мотор на економскиот раст

17.12.2019 15:34:21

Скопје, 17.12.2019  Заменик -министерот за економија Кирил Колемишевски денеска се обрати по повод свеченото доделување на престижните награди „Претприемач на годината 2019“ за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.

Целта на доделувањето на овие награди е поттикнување на претприемначкиот дух преку промоција на успешни примери.

Како што истакна во своето обраќање заменик-министерот Колемишевски како доминантна форма на деловно работење и вработување, малите и средни претпријатија се клучни актери за градење поинклузивен и одржлив раст, зголемување на економската еластичност и подобрување на социјалната кохезија, а тоа го докажува и фактот што малите и средни претпријатија ширум светот вработуваат околу 60% од сите вработени а нивниото учество во додадената вредност се движи меѓу 50 и 60%.

„Претприемачите го менуваат начинот на кој живееме и работиме. Тие помагаат да се создадат работни места, стимулираат сродни бизниси или сектори кои го поддржуваат новиот потфат, создаваат комплетно нови пазари, вклучуваат маргинализирани лица, помагаат во создавање социјални промени. Министерството за економија, во рамки на годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, реализира мерки и активности  чија цел е создавање на поттикнувачка клима за отворање на нови и јакнење на постојните микро, мали и средни  претпријатија и занаетчии, како и развој и унапредување на институционалната инфраструктура за поддршка на бизнисот и јакнење на претприемачкиот дух.  Годинава од оваа Програма финансиски беа поддржани околу 170 претпријатија, 40 занаетчии , 19 проекти на фондации, здруженија на граѓани и занаетчиски комори, кои аплицираа и исполнија услови за мерките- финансиска поддршка односно субвенционирање трошоците на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии за набавка на опрема, уредување на деловниот простор, воведување на софтверски решенија,, кофинансирање на трошоци за  учество на домашни регионални и меѓународни саеми, сертификација на системи за квалитет според ISO стандарди, сертифицирање на  ХАЛАЛ систем, посебна поддршка за женско претприемништво односно за претпријатија во сопственост и управувани од жени , како и кофинансирање на проекти на фондации и здруженија на граѓани кои се однесуваат на поддршка на МСП и развој на претприемништвото и  проекти на занаетчиските комори за развој на занаетчиството во Република Северна Македонија“ кажа Колемишевски пред присутните гости.

Со мерките и активностите за поддршка и развој на мали и средни претпријатија, додаде Колемишевски, Министерството за економија ќе продолжи и следната година, со што ќе отвори можност за сите компании да добијат поддршка за реализација на нивните бизнис активности.

Во категоријата мали претпријатија првата награда и припадна на Даниела Николовска менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, а втората на Горан Цуцулески менаџер на компанијата „Кривогаштани промет“ од Кривогаштани. 

Првата награда во категоријата микро претпријатија е доделена на Риза Реџепи менаџер на компанијата „Текника Риза Реџепи“ од Кичево, а втората на Георги Дамчески менаџер на компанијата „Ипринт 2015 “ од Прилеп.

Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2019“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Северна Македонија. Во периодот од 2016 до 2018 година вкупно 31 микро (кои имаат помалку од 10) и мали претпријатија (кои имаат помеѓу 10 и 50 вработени) ги исполнија критериумите за избор и имаат реализирано континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.).

Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 13-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.

Главни организатори на Претприемач на годината 2019 се Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Северна Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности