Бектеши: Работиме на намалување на парафискалните давачки за компаниите

25.12.2019 13:43:05

Скопје, 25.12.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши се обрати на јавната дебата „Парафискалните давачки-каков товар претставуваат врз бизнис секторот?“, каде беше промовирана и „Експлоративна анализа на парафискалните давачки за малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија.“  Анализата е изработена од страна на Finance think по нарачка на Министерството за економија.

Министерот потенцираше дека потребата за изработка на оваа анализа произлезе од предлог мерките од Акцискиот план за реализација на Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022 година, за чија изработка беше задолжено Министерство за економија.

“Една од основните цели на политиките на Владата на Северна Република Македонија е создавање на поволно деловно опкружување кое ќе овозможи раст и развој на претприемништвото, како и раст на продуктивноста и конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија. Повикувајќи се на ваквите заложби на Владата, бизнис секторот преку стопанските комори, побара бара да се направи анализа на сите парафискални давачки на централно и локално ниво и да се разгледа можноста за намалување или укинивање на одредени парафискални давачки кои претставуваат административен товар за микро, малите и средни претпријатија, истакна министерот Бектеши и потенцираше дека Министерството за економија постапило по барањата на бизнис секторот.

Бектеши информираше дека иако висината на даночното оптеретување во Северна Македонија е на ниско ниво од околу 13% и се намалува секоја година, сепак компаниите се жалат на парафискални давачки.

“Честопати има и поклопување на исти давачки и такси на централно и локално ниво. Дополнителен проблем е фактот дека кај некои од давачките и таксите немаат јасна цел за што би се користеле и што се финансира преку нив. Покрај висината и видовите на јавни давачки, основа за постоење на неформална економија може да биде и сложениот систем на пресметка и примена на давачките, како и нетранспарентност на процедурите за плаќање на давачките. Во такви случаи фирмите и граѓаните може и ненамерно да не платат некоја давачка бидејќи не се информирани или поради сложената процедура, или да платат погрешен износ. Сложените процедури и пресметки на одредени даноци и давачки создаваат проблеми и за инспекциските служби при инспекциски надзори и примена на законите.Поради горенаведеното Министерството за економија спроведе јавна набавка за изработка на Анализа на парафискалните давачки за микро, мали и средни претпријатија” истакна Бектеши.

Според министерот, податоци од анализата ќе значат дека и во иднина Министерството за економија ќе продолжи да соработува со бизнисит во насока на подобрување на бизнис климата што во крајна цел ќе значи не само поголем раст и развој на компаниите, туку и на целата економија.