Доделени договорите на деветте фирми кои ќе стопанисуваат со фотоволтаичните централи: Да ја направиме сончевата енергија генератор на економскиот раст

30.01.2020 13:32:21

Премиерот Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Владата на Република Северна Македонија одржаа прес-конференција по повод потпишувањето на договорите за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за поддршка на изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод на 11 парцели од страна на девет фирми кои ги задоволија критериумите на претходно објавениот јавен повик, со што Владата инвестира во зелената иднина на земјата.


Покрај претставниците на фирмите инвеститори, на доделувањето на договорите присуствуваа и градоначалниците на Свети Николе и Македонски брод, како и претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и претставници од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).

Во своето обраќање премиерот Спасовски истакна дека една од најтемелните и најефикасните реформи, од огромно значење за граѓаните и за бизнис заедницата, е реформата во енергетскиот сектор.

„Според Европската Енергетска заедница, нашата земја е регионален шампион за реформи во енергетиката. Со новиот Закон за енергетика и со големиот број инвестиции во обновливи извори на енергија и во гасификацијата, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата“, рече премиерот Спасовски.

Тој додаде дека споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%, денеска, граѓаните плаќаат најниска просечна цена за киловат/час во регионот, подвлекувајќи некои аспекти од Стратегија за енергетика на Владата на Северна Македонија.

„Пресврт се случи и во самата тендерска постапка. Во поголемиот дел на спроведените аукции за парцелите предвидени за инсталирање фотонапонски централи, инвеститорите не само што не бараа премиум, туку се натпреваруваа да дадат повеќе пари за да се стекнат со право да инвестираат, со што се премина во позитивна аукција и во Буџетот на државата влегоа 2,7 милиони евра“ – подвлече Спасовски.

Mинистерот Бектеши на прес-конференцијата истакна дека по донесувањето на законот за енергетика во 2018 година, Министерството за економија транспарентно спроведе две постапки за доделување на премии за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште со вкупен инсталиран капацитет од 62 MW.

„Инвеститорите ќе имаат право да ја користат премијата во рок од 15 години по ставањето во употреба на електроцентралата. Министерството за економија, согласно договорите, ќе обезбеди поддршка земјиштето на кое ќе се гради електроцентралата да се пренамени во градежно земјиште и да се стекнат со долготраен закуп на земјиштето и поддршка за приклучување на електроцентралата на електродистрибутивниот систем. Ние градиме партнерства со инвеститорите и за оваа година предвидената сума што ќе треба да ја исплатиме за поддршка на премиите е околу 200.000 евра, а еднократниот надоместок кој инвеститорите го уплатија за добивање на овие локации е приближно 2.8 милиони евра“ – подвлече Бектеши.

Претставници на инвеститорите ја поздравија инцијативата за искористувањето на природните и чисти енергенси со кои располага Република Северна Македонија и истакнаа дека изградбата на фотоволтаични централи е мошне важен чекор во борбата против јаглеродната емисија и борбата за почиста и поздрава животна средина. Дел од инвеститорите истакнаа дека се подготвени наместо за предвидените три години, дел од фотоволтаичните централи да изградат за само шест месеци и да ја продаваат електричната енергија по пазарни услови и без воведување премии.

На прес конференцијата беше соопштено дека постапката за вториот јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на приватно земјиште е во тек и дека на овој оглас се примени вкупно 43 понуди.