Незири ги награди младите претприемачи со најдобрите бизнис идеи

30.11.2015 14:00:00

Денеска министерот за економија Беким Незири ја отвори третата по ред манифестација за прогласување на најдобрите пет бизнис планови во рамки на проектот Организирање бизнис натпревар - „Биди перспективен започни свој бизнис“, во организација на Министерството за економија, чија цел е поттикнување на претприемничкиот дух меѓу младите, преку подготовка на студентите и младите претприемачи за отпочнување на сопствен бизнис.

„Радува фактот што оваа година, имавме вкупно 21 апликации за бизнис идеи, од кои 10 се преточија во бизнис планови, кои ги исполнуваа сите критериуми и услови дефинирани во Јавниот повик. Комисијата ги евалуираше и изведе збирна оценка односно ранг листа на бизнис плановите со селектирање на првите пет најдобри бизнис планови кои денес ќе бидат прогласени и наградени, истакна министерот Незири, додавајќи дека, во рамките на проектот Министерството за економија предвиде доделување на парични награди - ваучери за најдобрите 5 бизнис планови и тоа: прва награда во вредност од 330.000 денари, втора награда во вредност од 230.000 денари, трета награда од 130.000 денари, четврта  награда од 100.000 денари и петта награда во вредност од 60.000 денари.

Артан Џемаили го освои првото место со неговиот биснис план Workabroad, додека второто место му припадна на Филип Лаовски за неговиот биснис план Easy Go Давање под наем на движен имот, изнајмување на електро тротинети и скутери. Мартин Димовски ја освои третата награда за бизнис планот Udesign, а Петрит Рамадан освои четврто место за бизнис план Алтернативен маркетинг, додека петтото место го освои Назмије Мерко Забзун за бизнис план Банка за одржување на злато Голд Банк Македонија. 

На манифестацијата, свои обраќања имаа и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  Велимир Стојковски, Вулнет Амети ректор на Државниот Универзитет во Тетово и Замир Дика ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, кои ја истакнаа потребата од заедничка соработка меѓу образовните институции, бизнис секторот и Владата. Воедно, на добитниците на наградите, од страна на директорот на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија Мустафа Мандал им беа врачени ваучери кои ги покриваат трошоците за регистрирање на фирма во Централниот регистар на Република Македонија.

Скопје,30.11.2015