Бектеши: Македонско-холандската компанија “Глас Флекс“ почна со производство на стакло во ТИРЗ Тетово, отворени 300 нови работни места

08.07.2020 13:47:52

Тетово, 08.07.2020   Министерот за економија Крешник Бектеши денеска просуствуваше на одбележувањето на почетокот со работа на македонско-холандската компанија „Глас Флекс“ во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово.

Станува збор за производствен капацитет со македонско-холандски капитал во кој ќе се произведува калено, ламинирано и други видови специјални стакла.

„Чест ми е изадоволство што за само една година од кога беше потпишан договорот преку приватен партнер кој управува со Слободната економска зона токму овде во општина Тетово и со инвеститорот “Глас Флекс“ денеска да имаме можност да го одбележиме почетокот на работата на овој производствен капацитет, којшто ќе вработи скоро 300 граѓани од тетовскиот регион и неговата околина. За мене е уште поважно дека токму во овој период на пандемија, Владата, Министерството за економија и сите други институции кои се поврзани со создавањето на условите за развој на Слободни економски зони, дадоа се од себе да не запре работата и денес имаме можност да видиме како започнува производството на првите производи кои главно ќе бидат наменети за извоз“ истакна Бектеши.

Бектеши потсети дека во изминатите години се донесени низа законски решенија и мерки се со цел привлекување на нови странски инвестиции и подобрување на условите за работа на постоечките инвеститори.

На предлог на Министерството за економија и со поддршка од сите членови на Владата беше донесен Законот за финансиска поддршка на иневстиците со кој се изедначува третманот за домашните и за странските инвеститори, и кој на најтранспарентен начин ги промовира придобивките кои инвеститорите ќе ги добијат доколку решат да инвестираат во Северна Македонија. За подобрување на условите за работа на инвеститорите на почетокот на годината беше донесен и Законот за стратешки инвестиции со што се отвараат дополнителни можности за привлекување странски инвестиции, но и можноста за локалните инвестиции да имаат храброст да го зголемат својот капацитет. А во време на пандемија го објавивме и Јавниот повик за поддршка за инвестиции кои што компаниите ги започнале во текот на пандемијата и кои ќе имаат храброст да инвестираат дополнително до крајот на 2020 година, за што 25% од вкупната вредност на инвестицијата ќе ја покрие државата.“ кажа Бектеши.

Фабриката „Глас Флекс“ има објект од 8.500 метри квадратни, а ќе се произведува калено, ламинирано и друг вид специјализирано стакло.

“Фабриката е со најмодерна линија за производство на стакло единствен на Балканот, која користи најмодерна технологија со целосно автоматизиран процес. Се работи претежно за извоз, 80 проценти од производството се продава на пазарите на поранешните југословенски републики и западноевропските држави, изјави Гоце Пешов, менаџер во „Глас Флекс“.