Бектеши во новиот мандат најави засилена поддршка на домашниот бизнис, странските инвеститори, мерки за поттикнување на инвестиции во енергетиката, туризмот и заштита на животната средина

31.08.2020 15:18:51

Скопје, 31.08.2020  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска даде изјава по повод новиот четиригодишен мандат во Министерството за економија на Северна Македонија.

Министерот во краткото експозе пред медиумите истакна дека во изминатиот од три години во кој тој беше на чело на оваа институција се направени суштински измени за подобрување на бизнис климата во земјата, но и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.Се заблагодари за довербата која му е дадена за уште четири години да биде на чело на Министерството за економија.

“Со законските измени во енергетскиот сектор направивме клучни реформи за енергетската стабилност во државата. Додека со законските измени за поддршка на инвестициите отворивме пат за уште поголем раст и развој на економијата.

Со темелните реформи кои ги направивме во изминатите три години, но и во изминатиот период на здравствена и економска криза во време на Техничка влада, со мерките кои ги донесовме, се боревме да го задржиме секое работно место и да обезбедиме подобри услови за живот на сите граѓани“ потенцираше министерот Бектеши.

Во рамки на реализираните проекти во изминатите три години министерот ги наброја следните работи:

-Го донесовме Законот за енергетика и направивме целосна реформа на енергетскиот сектор во државата

-Го донесовме Законот за енергетска ефикасност со кој се транспонира европската регулатива во овој сектор

-Ја донесовме Стратегијата за енергетика на Северна Македонија 2020-2040 со која се трасира патот за енергетска транзиција на земјата

-Го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестиции со кој се дава силна поддршка за домашните и странски инвестиции

-За две години потпшавме договори за финансиска поддршка со 270 компании со вкупни инвестиции според бизнис план од 420 милиони евра

-Го донесовме Законот за стратешки инвестиции со кој се создадоа услови за реализација на стратешки проекти во земјата

-Преку измени на Законот за моторни возила воведовме субвенции за плински уреди во автомобилите и налепници за еколошка категоризација на возилата

-Преку измени на Законот за минерални суровини обезбедивме поголема безбедност и здравје на граѓаните

-Почнавме нов инвестициски циклус во делот на обновливи извори на енергија:

-Потпишавме  договори за изградба на 11 фотоволтаични централи со вкупна инсталирана моќ од 35 мегавати на државно земјиште

-Потпишавме договори за изградба на 23 фотоволтаични централи со вкупна моќност од 21 мегавати на приватно земјиште

-Потпишавме договор за изградба на фотоволтаична електрана од 10 мегавати во ТЕЦ Осломеј

-Ја отворивме првата државна лабараторија за испитување на квалитетот на горивата во земјата

Преку програмите за енергетска ефикасност за три години:

-Субвенциониравме 2.365 домаќинства  со вкупно 22 милиони денари за купени и вградени сончеви колектори

-Субвенциониравме 3.853 домаќинства со вкупно 105,7 милиони денари за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци

-Субвенциониравме 2.028 домаќинства со вкупно 62 милиони денари за купување на печки на пелети

Драстично ја зголемивме поддршката за компаниите и индустријата преку Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации (KИП):

-За три години поддржавме 586 мали и средни и претпријатија и 63 здруженија и фондации во вкупна вредност од 115,6 милиони денари

-вкупно 222 вработени во 131 компанија поминаа технолошки обуки

-поддржавме 36 кластери и 25 компании за развој и имплеметнација на индустриски политики

Министерот истакна дека и во период на здравствено економската криза предизвикана од Ковид 19, Министерството продолжи со носење на мерки во интерес на најпогодените сектори, но и во интерес на граѓаните.

Информираше дека досега се искористени над 25 илјади ваучери за туризам од вкупно над 100.000 кои се доделени, а на Јавниот повик за финансиска поддршка за поддршка на конкурентноста во пост –ковид перидодот аплицираа над 800 компании кои инвестирале и во време на криза што до крајот на септември ќе добијат поддршка од државата.

„Новиот мандат и можноста уште четири години да го водам ова министерство ми дава уште поголем оптимизам за да направиме уште подобро и уште повеќе. Од денеска започнуваме да работиме на трансформација на економијата за зарбрзан раст и поголем стандард. Главниот фокус, не само на Министерството за економија, туку и на Владата во наредниот период ќе биде обезбедување на можности за развој, создавање на нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните. Како Министерство за економија и како наша надлежност ќе продолжиме со засилено темпо да ги поддржуваме домашните компании, и странски инвестиции, да работиме на поттикнување на инвестиции во енергетиката, во туризмот, во занаетчиството“ потенцираше Бектеши