Кучи во Софија: Македонија да биде приклучена во регоналната гасна мрежа

10.06.2016 12:14:33

Подобрувањето на гасната инфарструктура и изградбата на нови гасоводи ќе ја направат посигурна Европа и нејзината економија, овој став беше искажан на 14-та Годишна Конференција  за гасно поврзување која денес се одржува во главниот град на Република Бугарија, Софија. 

Министерот за економија Дриотн Кучи кој ја предводи делегацијата на Република Македонија, изјави дека за Република Македонија секој можен приклучок значи подобрување на стандардот на граѓаните, имајќи во предвид дека гасот е најефтин енергенс. 

„За Владата на Република Македонија, изградбата на националниот систем за пренос на гас, неговата поврзаност со регионалните системи за гасоводот, како и изградбата на дистрибутивниот систем за природен гас се меѓу приоритетите во областа на изградба на енергетската инфраструктура“, истакна Кучи, додавајќи дека, Република Македонија е вклучена со свои проекти во иницијативата за Гасно поврзување на Централна и Југоистична Европа (CESEC), која има за цел унапредување на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас и сигурност во снабдувањето во регионот, по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, со што практично ќе се обезбеди снабдување со потребните количини на природен гас на сите потрошувачи во регионот на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), вклучувајќи ја и Република Македонија. 

Министерот Кучи потенцира дека Република Македонија, во насока на унапредување на регионалната соработа, даде политичка поддршка и се вклучи во активностите во врска со гасоводниот проект ТЕСЛА, кој почнува од турската граница, има двонасочен тек на природниот гас и има за цел да носи гас од правецот југ-север и север - југ, односно ќе носи природен гас од Каспискиот регион и течен природен гас од Америка, Алжир и Блискиот Исток, а во другата насока природен гас од Црното Море. 

„За обезбедување на предвидените количини на природен гас во наредниот период во тек се активности за доизградба на постојниот гасоводен систем во Република Македонија, неговата поврзаност со регионалните системи за гасоводот, како и отворање на преговорите за обезбедување на дополнителни количини на природен гас“, рече Кучи. 

Потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович рече дека оваа конференција е многу значајна бидејки Европската Унија е најголем увозник на гас во светот, и секој нов гасовод кој се доближува до границите на ЕУ значи поголема сигурност за Европа и за нејзините потрошувачи. Најбогат дел со гас на Европа е токму јужна и југоисточна Европа рече Шефчович додавајќи дека од овој регион моментално се градат три гасоводи. Европската унија само во периодот од 2015-2017 година инвестира 315 милијарди евра за гас. 

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов изјави дека за да се постигне што побрзо инфраструктурно поврзување на регионот, треба да се работи сериозно, а тоа може да се постигне само со поддршка на Европската Унија, додавајќи дека Бугарија има огромна поддршка од Брисел за вакви капитални проекти. 

На 14-та по ред конференција за гасно поврзување, која беше организирана од бугарската Булгаргаспром, присуствуваа министрите за енергетика на Македонија, Бугарија,Грција, Словачка, Романија како и 300 членови на делегациии од европските држави. 

Софија, 09.06.2016