Бектеши:Продолжуваме зголемена поддршка за жените претприемачи

07.10.2020 14:33:50

Скопје, 07.10.2020 година   Министерот за економија Крешник Бектеши денеска додели решенија за исплата на субвенции на 11 компании основани и управувани од жени кои ги исполнија условите на Јавниот повик за финансиска поддршка за женско претприемништво.

Преку оваа мерка се субвенционираат претпријатијата во сопственост и управувани од жени преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци за набавка на опрема, уредување на простор, чување на деца, воведување на софтверски решенија.

Во изминатите 9 години преку оваа мерка субвенционирани се вкупно 152 компании во сопственост и управувани од жени со вкупно 14.198.105 денари (230.000 евра).

“Чест и задоволство ми е што и покрај кризата со пандемијата оваа година, за што сведоци сме за економските последици врз компаниите, денеска ги врачив решенијата  за исплата на субвенции на 11 компании управувани од жени кои што оваа година, за почнаа бизнис, инвестираа во раст и развој на постоечкиот бизнис или воведоа нови софтверски решенија во својот бизнис. Се работи за вкупна вредност на финансиска поддршка од 1.068.999 денари од КИП програмата. Министерството за економија препознавајќи го значењето на женското претприемништвото, почнувајќи од 2012 година, веќе девет години по ред ја реализираме мерката  – финансиска поддршка за жени претприемачи во рамки на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво (КИП). Кажа министерот Бектеши.

Министерот потсети дека Министерството за економија во соработка со другите надлежни владини институции, и невладиниот сектор ја спроведува Стратегијата за развој на женско претприемништво. Една од мерките во Стратегијата е и подобрување на пристапот до поволни форми на финансирање.

„Во насока на олеснување на пристапот до разните форми на поддршка за жените претприемачи, Министерството за економија започна со воведување на стимулативни критериуми, со што покрај оваа мерка, жените имаат право да аплицираат и за сите други мерки кои се предвидуваат со КИП Програмата. Ова придонесе за зголемување на процентот на субвенционирани компании кои се во сопственост и управувани од жени по повеќе мерки. Така, оваа година во Програмата за субвенционирање на мали и средни претпријатија бројот на субвенционирани компании управувани од жени е зголемен за 16%. Исто така кај Мерката бескаматни кредити со 30% грант компонента за микро и мали претпријатија преку Развојната банка на Северна Македонија ( од четвртиот сет економски мерки) нуди и 30% грант за компаниите кои се водени или основани од жена, кои вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење, потенцираше министерот и ги повика сите жени претприемачи да аплицирата и понатаму за поддршката што ја дава Министерството за економија и Владата.

„Со зајакнато женско претприемништво преку зајакнати и координирани активности со вклучување на различни чинители, женското претприемништво може да стане сила која придонесува во развојот на претприемничката клима и економијата во Северна Македонија“ кажа министерот.