Министерот за економија Кучи ја презентира трговијата на Република Македонија на Петатта седница на министрите за трговија на земјите во развој без излез на море

23.06.2016 14:50:54

Министерот за економија, Дритон Кучи, денеска и утре престојува во Женева-Швајцарија, каде учествува на  Петтата седница на министрите за трговија на земјите во развој без излез на море.

Настанот се организира по повод новата Спогодба за олеснување на трговијата на Светска Трговска Организација (СТО), каде што меѓународните организации ќе понудат концепт на соработка со овие земји врз основа на нивниот статус на ратификација на спогодбата и идентификувани категории за исполнување на условите за нејзина примена. Република Македонија ја заврши постапката на ратификација и го депонира инструментот во СТО за прифаќање на Спогодбата на 19 октомври 2015 година, при што стана 50-та земја што ја заврши обврската. Заклучно со мај, вкупно 79 земји членки на СТО ја имаат завршено постапката на депонирање на инструментот, а минимум број е 107 земји за да може Спогодбата да влезе во сила. Од земјите без излез на море, само 8 земји ја имаат завршено постапката со депонирање.

Министерот Кучи на конференцијата истакна дека Република Македонија како земја без излез на море, внимателно го следи напредокот во преговорите за олеснување на трговијата. Како континентална земја, со отворена пазарна економија, Македонија е многу ранлива на ефикасноста на движење на стоките преку граници, поради што земјата се фокусира  кон развој на концепт за олеснување на трговијата, олеснување на царинските формалности и документи кои што претставуваат пречка во трговијата, едношалтерски систем, издавање на лиценци и дозволи, системот за електронско плаќање и влијанието на трговијата следено од бизнис секторот.

Поврзаноста во трговијата со транспортната конективност, учеството на земјите без излез на море во регионалниот и глобалниот синџир на набавки, кој што треба да биде двигател за намалување на трошоците во трговијата и влијанието на новата Спогодба за олеснување на трговијата, беше една од темите на кои се задржа министерот во своето обраќање.

Тој додаде дека Република Македонија сериозно постапува кон овозможување на адекватни услови за бизнисот да се одвива без бариери, без квантитативни ограничувања и други форми на рестрикции. Тоа го покажуваат извештаите на Светска банка и ОЕЦД во извештаите за Република Македонија.

Обемот на трговијата воопшто во изминатите години постојано се зголемува, особено на страната на извозот. Вкупниот обем во 2013 година се зголеми за 4% во споредба со 2012 година, со што извозот е зголемен за 6.6%, а увозот за 1,4%. Во 2014 година, вкупниот волумен се зголеми за 12,8%, со што извозот е зголемен за 15,6%, а увозот за 10,3% во однос на 2013 година за 2015 година, вкупниот обем на трговската размена е зголемена за 7,4%, со што извозот е зголемен за 8.8% и увозот за 5,3%.

На крајот министерот потенцираше дека Република Македонија ќе продолжи да води транспарентен трговски режим целосно компатибилен со правилата и дисциплините на СТО. Договорот за олеснување на трговијата е врвен приоритет во пресрет на развивање на потребните инструменти за трговски прашања ,за поддршка на македонскиот бизнис сектор за подобро разбирање на обврските во договорот и да се обезбеди правилна имплементација под покровителство на државата. 

Женева, 23.06.2016 година