Министерот Кучи се сретна со директорот на Светска банка во Скопје, Мантованели

06.07.2016 16:01:08

Министерот за економија Дритон Кучи денеска се сретна со директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели. За време на средбата беше истакната успешната соработка на Министерството за економија и Светската банка, од која досега произлегоа повеќе проекти од областа на енергетската ефикасност и туризмот. 

Министерот Кучи се заблагодари на новиот  директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Мантованели за континуираната поддршка што оваа институција ја дава на земјата и предложи соработката во иднина, според можностите, да продолжи со реализација на проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце, кој е од корист за Македонија и Косово, поточно за граѓаните и деловните активности на двете земји, а особено за компаниите во индустриската зона Визбегово, каде што работат повеќе од 5 илјади луѓе и има годишен обрт од стотици милиони евра.  Министерот Кучи  ја истакна потрребата од  поддршка на Светската банка  за забрзување на изградбата на патната инфраструктура, која би ја приклучила индустриската зона во Тетово со автопатот Тетово-Скопје, поддршка за ревитализација на дуќаните во Старата скопска чаршија и во Битолската чарчија, во иднина, како и продолжувањето на проектот за  спроведување на мерките за енергетска ефикасност. 

Директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Мантованели рече дека соработката со Министерството за економија и други институции во земјата е многу плодна во областа на енергетиката, туризмот, подобрувањето на конкурентноста на компаниите и развојот на општините.  Мантованели изјави дека во септември ќе биде креирана програма за проекти кои ќе бидат реализирани во наредниот период. 

Во изминатиот период, Министерството за економија во соработка со Светска банка го реализираше проектот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност, со кој се реновираа  42 згради на основни училишта и детски градинки во 12 општини во Република Македонија, проект  со вредност од над 4 милиони долари. Со овој проект се постигна намалување на потрошувачката на електрична енергија, со тоа и намалување на трошоците на училишта, како и подобра заштита на животната средина. Со поддршка од Светската банка, исто така, беше постигната имплементацијата на новата стратегија за енергетска ефикасност, која вклучува инвестиции во енергетската ефикасност не само во јавните објекти, туку и во други управни згради, болници и социјални установи.

Скопје, 06.07.2016