Средба на министерот Кучи со Амбасадорката на Хрватска

27.07.2016 14:48:06

Министерот за економија Дритон Кучи денеска оствари средба со Амбасадорката на Хрватска Н.Е. Данијела Баришиќ. На средбата беше истакната добрата економска соработка меѓу двете земји, која треба да се искористи за продлабочување на економските односи и иницирање на нови заеднички проекти. Имено, Република Хрватска е мошне важен трговски партнер за Република Македонија и во 2015 година се наоѓа на 15-то, а за периодот јануари – мај 2016 е на 14-то место на листата на земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

Амбасадорката Баришиќ на министерот Кучи му врачи покана од неговиот хрватски колега Томислав Панениќ за претстојниот Самит на иницијативата на лидерите од Јадранското, Балтичкото и Црното Море, кој ќе се одржи на 25 и 26 август во Дубровник, а на кој се поканети премиери и министри од 20 земји. За министрите за економија заедничка тема на овој Самит ќе биде енергетиката, а целта на Самитот е отварање на нови можности за трансатланска сорабока и реализација на стратегијата за пристапување кон ЕУ.   

Скопје, 27.07.2016