Македонија и Косово ќе ја подобруваат трговската размена

16.08.2016 14:42:03

 Министерот за економија Дритон Кучи денеска во просториите на министерството, оствари билатерална средба со косовската министерка за трговија и индустрија Хикмете Бајрами.На состанокот се разговараше за тековната соработка во трговската и економската сфера и изнаоѓање на заедничко решение за продлабочување на истата.

„Постоечките билатерални односи помеѓу Реублика Македонија и Република Косово се добра основа за натамошно надградување и унапредување на соработката, имајќи го во предвид фактот што Косово е важен економски и трговски партнер на Република Македонија и земја со која Република Македонија има голема трговска размена“, истакна министерот Кучи, притоа додавајќи дека според статистичките податоци за 2015 година, Македонија ја посетиле 1 милион 329 илјади граѓани на Косово, додека 738 илјади граѓани од Македонија го посетиле Косово, односно над 2 милиона граѓани од двете земји. Во текот на минатата година од Косово во Македонија влегле 69.573 камиони, а од Македонија во Косово 71.253 камиони со разни стоки, или вкупно 140.826 камиони, во двете земји.

Министерот информира дека соработката меѓу двете земји се реализира врз основа на 28 потпишани договори, а со примената на ЦЕФТА договорот, односно од 01.01.2008 година, вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Република Косово се реализира на слободен, бесцарински систем, благодарение на 100 процентната либерализација на трговијата.

Двајцата министри се согласија за актуелизирање на прашањето за испитување на можноста за царинење на продукти на граничниот премин Јажинце, што би значело големо олеснување за бизнисите во двете земји.

На билатералната средба министрите договорија во  интерес на економскиот развој на двете земји, наскоро  да  се организира заедничка средба и со претставници на бизнис заедницата од Македонија и Косово, што ќе придонесе и за нови деловни проекти.

Косовската министерка за трговија и индустрија рече дека меѓу Косово и Македонија има одлична трговска соработка, но додаде дека се уште има простор за нејзино понатамошно подобрување.

„Не треба да бидеме конкуренти, туку партнери со заедничка стратегија за настап на трети пазари. Нашите две земји не треба да се конкуренти, напротив треба да бидат комплементарни и да имаме слични стратегии за привлекување странски инвестиции. Треба да се отстранат и сите бариери меѓу бизнис заедниците, нагласи Бајрами.

Таа посочи дека треба да има и подобра соработка меѓу двете земји во областа на туризмот.

„Туризмот има огромен потенцијал за соработка. Неопходно е да се направи заедничка понуда за странските туристи кои се заинтересирани да ги посетат двете земји, рече Бајрами.

Министерот Кучи се заблагодари за помошта што ја праќаат коосовските институции и компании за поплавените во Скопскиот регион, а министерката Бајрами порача дека луѓето тоа го прават на доброволна основа бидејќи, како што рече, чувствуваат обврска уште од 1999 година кога голем број косовски граѓани беа прифатени во Македонија за време на бегалската криза предизвикана од војната во Косово. 

 

Скопје, 16.08.2016