Министерот Кучи се сретна со новиот унгарски амбасадор Дукс

22.08.2016 13:53:14

Министерот за економија Г-дин Дритон Кучи денес оствари средба со новиот амбасадор на Република Унгарија во Македонија Н.Е. Ласло Иштван Дукс.

Во текот на средбата министерот Кучи му го честиташе назначувањето  амбасадор во нашата земја на г-динот Дукс, истакнувајќи дека  Република Македонија и Унгарија остваруваат интензивна економска соработка особено по потпишувањето на Договорот за економска соработка, што се потврдува преку одржување на три седници на Мешовитата комисија по истиот Договор.

Во текот на состанокот амбасадорот Дукс го информира министерот за заинтересираноста на една голема унгарска државна компанија да го изгради далеководот Битола-Елбасан, како и за изградбата на рајскиот парк во Скопје. Амбасадорот Дукс, најави пуштање на директна авионска линија Будимпешта-Скопје-Будимпешта преку нискобуџетната авио компанија Визер.

Македонија и Унгарија досега одржаа три седници на мешовити комисии, а се одржа и бизнис форум согласно Меморандумот за соработка што го потпишаа агенциите за инвестиции на двете земји. Покрај тоа, беа потпишани и три нови меморандуми за продлабочување на соработката во областа на културата, образованието и управувањето со води.

Скопје, 22.08.2016