Министерот Кучи учествуваше на Стратешкиот форум во Блед

06.09.2016 13:28:24

Министерот за економија Дритон Кучи денеска учествува на Бледски стратешки форум, кој се одржува во Блед, Република Словенија. Форумот оваа година е под мотото „Зачувување на иднината“, а Министерот Кучи  се обрати на панел дискусијата за туризам на тема  „Одржливост и безбедност во туризмот“.

„Помеѓу клучните предизвици на 21 век се истакнуваат грижата за состојбите во животната средина и порастот на секторот туризам, кои прераснуваат во едни од поважните извори на економскиот развој во светот, вклучително и во Република Македонија“ истакна министерот Кучи додавајќи дека  во последните дваесетина години, одржливиот развој е се почеста тема со која на различни начини интензивно се занимаваат бројни структури во општеството во речиси сите земји во светот.

Туризмот претставува стратешка развојна дејност, кој треба да биде иницијатор за развојот на земјата во целина. Во услови на глобална конкуренција на туристичкиот пазар, постојано се јавуваат нови туристички дестинации, поради што развојот на туризмот треба да ги следи современите трендови кои се однесуваат и на функционирање на неговата материјална основа а посебно на заштитата на природните ресурси.

Министерот рече дека нема повеќе дилеми дали одржливиот развој е потребен, дилемите се само во пристапот и начинот на негова имплементација. Планирањето на идниот стопански развој, а посебно развојот на туризмот, неопходно мора да се усогласи со почитување на основните начела на одржлив развој, а тоа се: еколошка, социокултурна, економска и технолошка одржливост.

Одржливиот развој на туризмот исто така подразбира и квалитет на туристичката понуда, а витални фактори за обезбедување на квалитет во туризмот се безбедноста и сигурноста на туристите во туристичката дестинација.

 „Безбедноста и сигурноста одсекогаш биле неопходни услови за патување, но факт е дека овие прашања добија многу поголемо значење за туризмот во последните две децении“ потенцираше министерот Кучи, додавајќи дека промените во светот во однос на безбедноста се огромни, пред се поради локални војни, терористички напади, елементарни непогоди, епидемии и пандемии, разни незгоди предизвикани од човечкиот фактор, значително влијаат на  намалување на безбедноста на туристите.

Поради ова обезбедувањето на квалитетно туристичко искуство и доживување на туристите, преку обезбедување на принципите на безбедност и сигурност на туристичката дестинација  и почитување на Глобалниот етички кодекс за туризам и одржлив развој, се основната цел на современите туристички дестинаци.

Во рамките на форумот министерот Кучи оствари средби со генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рафаи, со министерот за економија на Словенија Здравко Почивалшек, со министерот за надворешни работи и трговија на Унагрија Петер Сијарто, министерката за трговија и туризам на Косово Хикмете Бајрами и со министерката за економија на Албанија Вилма Икономи.

Блед, 06.09.2016