Кучи: Добивме модерна фабрика за вода, чиј производ ги исполнува највисоките светски стандарди

19.09.2016 14:12:27

 Во близина на дебарското село Гари денеска беше отворена фабриката за вода MAYA, која претставува резултат од работењето на концесионерот на минерална суровина - подземна вода MЛ-Гари, односно  хрватскиот инвеститор - компанијата Мали Лошињ.  Фабриката за производство на флаширана вода за пиење е лоцирана покрај регионалниот пат  Бошков Мост-Извор, на само 5 километри пред еколошки чистото село Гари, каде што се наоѓа концесијата. Почетната инвестиција изнесуваше 300.000 евра, а проценетите 7,7 милиони евра инвестиција, достигнаа 14 милиони евра за овие 3 ½ години, колку што траеше процесот на реализација.

„Овој денешен свечен чин е финален производ од сите наши заложби и политики, а оваа инвестиција е од огромно значење не само за Гари и за Дебар, туку и за целиот Западен регион, во насока на рамномерен и одржлив економски развој“, истакна во своето обраќање министерот Кучи, додавајќи дека со оглед на фактот што инвестициите и извозот се клучните столбови на одржлив економски раст на Република Македонија, посебно е значајно што произведената вода во оваа фабрика е првенствено наменета за извоз, кој е веќе дефиниран, главно во соседните земји, Арапските земји, Хрватска и Русија. „Посебно е важно што се обрна огромно внимание на квалитетот и стандардите, па се доби висококвалитетна премиум вода, произведена по најмодерна технологија, што ја прави конкурентна за пробирливиот светски пазар“, додаде Кучи.

Во име на компанијата Мали Лошињ пред присутните се обрати Кујтим Деари: „Инвестицијата што тука ја почнавме од темели пред околу три години, денес, благодарение на двајцата инвеститори од Република Хрватска, г-динот Дашмир Абдија и г-динот Бранимир Којиќ, доби лик на една од најмодерните, најсовремените и технолошки најопремените фабрики во Македонија и во регионот“.

Министерот за странски инвестиции Горан Мицковски го потенцираше значењето на водата како ресурс на иднината, чие значење е огромно. „За нашава еконмомија, пак, посебно е значајно што инвестициите континуирано растат, а тоа значи и отварање на нови работни места, со што се придонесува кон намалување на невработеноста и зголемување на животниот стандард“, рече Мицковски

Градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, беше дециден: „Ниту еден инвеститор ниту имал, ниту ќе има административни проблеми во Дебар. Сите се добредојдени и за сите стоиме на располагање“.

Инаку, моменталниот број на 25 вработени, според најавите на инвеститорот, треба за многу скоро време да се зголеми, а дневното производство на флаширана вода може да достигне и до 200.000 литри по 8-часовна смена.

Покрај, фактот што општата бизнис клима во Република Македонија е поволна за привлекување на странски инвеститори, посебно внимание се обрнува на промоцијата на одередни таргет сектори, меѓу кои и секторот минерални суровини, во кој можеме да се пофалиме со голем број на потенцијални наоѓалишта за доделување на концесии за експлоатација на термоминерална вода и термална вода.

Меѓу бројните присутни кои го поздравија свеченото отварање на фабриката „Maya” и оваа успешна инвестициска приказна беа и амбасадорката на Република Хрватска Данијела Баришиќ, лидерот на Демократската унија за интеграција, г-дин Ахмети, како и повеќе министри и претставници на политичкиот и деловниот живот. 

Дебар, 19.09.2016