Со 50 признанија за најуспешните одбележан Светскиот ден на туризмот

27.09.2016 16:06:50

 Туризaм за сите: лица со хендикеп, стари лица и семејства кои патуваат со мали деца“, гласи мотото на годинешниов Светски ден на туризмот 27 септември, чија официјална прослава се случува во Бангкок, Тајланд.

А по повод овој празник на туристишките работници, Министерството за економија и годинава им додели признанија на 50 најуспешни претставници од туристичкиот сектор, во 6 категории и неколку подгрупи, и тоа: најуспешни хотели за 2016 година, во сегментите нова туристичка понуда (3), квалитетна туристичка понуда (5), хотели во планински предели (4) и хотели со спа понуда (5); најуспешни ресторани (5); туристички агенции, во сегментите инкаминг (5) и аутгоинг (5); најуспешни туристички манифестации (7); најуредени плажи (5); соработка во областа на туризмот – факултети (5) и деловни здруженија/комори (6).

Предлозите и годинава се направени заедно со туристичките здруженија и комори, имајќи ги предвид и извештаите од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во делот на доделени субвенции за организиран туристички промет, како и активностите на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции.

Во име на министерот за економија Дритон Кучи, присутните ги поздрави државниот советник за туризам и угостителство Шовкет Хазари, кој истакна дека годинешниве бројки повторно говорат за континуитет на позитивни показатели. Така, во периодот  јануари - јули 2016 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 8.5%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 5.3%.

„Особено успешен се покажа месец јули, во кој е регистрирано зголемување на вкупниот број туристи за 8.3%, а бројот на ноќевања е зголемен за 5.5% . Сето ова укажува на фактот дека и оваа година ќе ја заокружиме со  зголемување на бројот на туристите и покрај сите кризи со кои се соочивме, благодарение на активните владини мерки за субвенционирање на организираниот странски туристички промет, намалување на стапката за ДДВ од 18 на 5% во сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација“, рече Хазари.

Светската статистика, пак, вели дека во текот на минатата година меѓународниот туризам импресивни шест последователни години бележи зголемување, со рекордни 1 милијарда 184 милиони туристи кои патувале низ светот. Ова претставува раст од 4%, или зголемување од 50 милиони туристи, кои патувале на меѓународна дестинација во текот на годината. Според Светската туристичка организација, изгледите за 2016 година остануваат позитивни, со надеж дека бројот на туристи, кои ќе се движат по меѓународните дестинации, ќе порасне за нови 4% во глобални рамки, со што ќе се овозможи искористување на комплетниот потенцијал на туризмот во економијата, општеството и животната средина.

Скопје, 27.09.2016