Кучи, целосна поддршка за Институтот за акредитација

05.10.2016 13:07:39

Министерот за економија Дритон Кучи денеска се обрати на 36-иот состанок на Советот за мултинационални договори на Европската организација за акредитација, во организација на Институтот за акредитација на Република Македонија.

“Навистина ми е драго што и Република Македонија,  претставувана од своето единствено национално тело за акредитација - Институтот за акредитација на Република Македонја, е член на ова големо европско семејство и годинава претставува домаќин на овој важен состанок“, истакна министерот Кучи, додавајќи дека тенденцијата на секоја општество е обезбедување на подобри услови за живот и за  работа, како и во секој општествен сегмент на живеење и работење, при што  Владата на Република Македонија, преку низа мерки и активности, вложува напори за подобрување на општите социјално-економски услови за граѓаните и е во чекор со останатите држави.Градењето на националниот систем за инфраструктура на квалитет, во кој акредитацијата е еден од клучните чинители, претставува приоритет.

Во тој контекст министерот информираше  дека Владата на Република Македонија дава целосна поддршка на работата на Институтот, а преку годишните Извештаи за работа ја следи неговата работа и активностите, како на национанален, така и на меѓународен план.

Благодарение на придобивките од акредитацијата, односнона нејзината улога во намалување на ризикот од опасности во управувањето, намалување на трошоците во работењето, без разлика дали се работи за процес на производство, трговија или обезбедување на услуги, зајакната е економската моќ и позицијата на претприемачите. Таа е вешта алатка за деловните субјекти, бидејќи од една страна им обезбедува економично и ефикасно работење, а од друга страна им обезбедува можност за слободен пласман на странските пазари, и тоа преку елиминација на техничките и трговските бариери.

Министерот во своето обраќање потенцираше дека работата на Институтот, како единствено нацонално тело за акредитација во земјава, има свое значење и во креирање на политиките или регулаторните барања на државата.  Исто така, стручната соработка со Институтот и Министерството за економија, но и со останатите министерства е на завидно ниво, ефикасна и секогаш вродува со плод. Институтот, како надлежно тело, е вклучен во давање стручни, компетентни мислења при изработка на законски и подзаконски решенија, токму за прашањата на акредитацијата и при транспонирањето на европските директиви за усогласување на домашното техничко законодавство и сл., коишто преставуваат услови за пристап на РМ кон ЕУ. Оттука и фактот што најголемиот број на акредитации се доделени во регулираната област.

Скопје, 05.10.2016 година