Кучи: ЦЕФТА Договорот е олеснување кон зачленување во Европската Унија

05.10.2016 14:10:53

 „Основата на ЦЕФТА Договорот е олеснување на процесите за пристапување на ЦЕФТА земјите кон Европската Унија, нивно успешно интегрирање, како и интензивирање на трговијата на пазарите со земјите на ЕУ. Особено во последните години од примената на ЦЕФТА Договорот постои силна интеракција со Стратегијата на ЈИЕ 2020, во рамки на Првиот столб за интегриран раст, следејќи поширока економска перспектива за целиот регион“, истакна министерот Кучи во своето обраќање на регионалниот настан „Република Македонија – 10 години од ЦЕФТА 2006 година“, како дел од Програмата за далекусежност и забележителност на ЦЕФТА.

Според оваа програма, вакви настани се предвидени во секоја од ЦЕФТА земјите и имаат за цел да се согледа регионалното значење на ЦЕФТА и на нејзината транспарентност, целата програма по повод јубилејот на ЦЕФТА најмногу е наменета за бизнис заедницата, за нејзино транспарентно информирање за сите детали и новини кои се реализирани или се во тек на реализација на регионално ниво.

За значењето на ЦЕФТА, министерот Кучи рече: „Досега во рамките на ЦЕФТА е постигната целосна либерализација во трговијата со земјоделски производи, што значи трговија без царини и царински давачки, се финализира процесот на преговори за олеснувања трговијата и ќе следи усвојување на Дополнителен протокол за олеснување на трговијата, а во завршна фаза се преговорите за поширока либерализација на трговијата со услуги, во однос на либерализацијата што е постигната со членството во СТО. А прогресивна и синхронизирана либерализација во трговијата со услуги за ЦЕФТА земјите ќе значи заедничко отворање на пазарите на услуги, во контекст на европската интеграција“.

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија за европски прашања, Арбр Адеми, во своето обраќање се осврна на активностите во рамките на ЦЕФТА кои се интегрален дел од повеќе домашни и регионални стратешки документи. Во Националната програма за усвојување на европското законодавство (НПАА).-Поглавје 30 „Надворешни односи, активностите имаат за цел постигнување на високо ниво на трговска интеграција помеѓу Република Македонија, земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Тој подвлече дека регионалната соработка во рамки на ЦЕФТА е дел од столбот за Интегриран раст од Стратегијата Југоисточна Европа 2020 чија цел е промовирање на регионалната трговија и инвестиции, како и креирање на политики кои се недискриминаторски, транспарентни и предвидливи. Ваквите политики даваат значаен придонес за економски развој и меѓусебно поврзување на земјите од регионот. Дополнително, регионалната трговија и конкретно регионалниот Протокол за трговија со услуги во рамки на ЦЕФТА е дел од Програмата за економски реформи (ЕРП) 2016 – 2018 на Република Македонија. 

Присутните имаа можност да ги слушнат и согледувањата на академската јавност во однос на придобивките од пристапувањето на ЦЕФТА презентирани од страна на проф.д-р Ирена Кикеркова од Економскиот факултет од Скопје и проф.д-р Силвана Мојсовска од Економскиот институт од Скопје, а економските аспекти од ЦЕФТА 2006 и најновите проекти ги претстави Зорица Смилева од Министерството за економија.

Претставниците на коморите, инситутциите, меѓународните организации и ЦЕФТА Секретаријатот оставија простор и за панел дискусијана презентираните теми, во насока на јакнење на јавно-приватниот дијалог, а сѐ со цел подобрување на бизнис климата во регионот и споделување на  искуствата и потребите на бизнис заедницата за активно интегрирање кон процесите на Европската Унија. 

 Скопје, 05.10.2016