Кучи се сретна со новоименуваниот амбасадор на Франција Кристијан Тимониер

06.10.2016 16:20:05

Министерот за економија г-дин Дритон Кучи, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија Н.Е. г – дин Кристијан Тимониер. 

Кучи и Тимониер ја оценија економската соработка меѓу Македонија и Франција како успешна,  со голем потенцијал за нејзино продлабочување во сферата на нови инвестиции од француски компании, нивен ангажман во изградба на енергетските капацитети, како и зголемување на бројот на  туристи од Франција во нашата земја. 

Министерот Дритон Кучи се заблагодари за постојаната поддршка што Република Франција ја дава на Република Македонија, вклучувајќи го и интересот за проектите кои се во надлежност на Министерството за економија. „Македонија е дел од Европа, но и понатаму ни е потребна поддршката на Франција за зачленување во ЕУ и НАТО“, изјави министерот Кучи. 

Амбасадорот на Франција Кристијан Тимониер го поздрави успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и изрази уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на економската соработка и ќе продолжи со поддршката на Република Македонија на нејзиниот  европски пат.

Скопје, 06.10.2016