Кучи: Развој на туризмот со мерки за енергетска ефикасност и експертски обуки за хотелиерите

18.10.2016 14:51:25

Министерот за економија Дритон Кучи денеска учествуваше на Конференцијата за мерки за енергетска ефикасност и пристап до финансии за хотелиерство, организирана преку швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, во соработка со Министерството за економија и „Делта проект“.  Целта на конференцијата беше да ги запознае сопствениците и менаџерите на хотели во Македонија со мерките за зголемување на енергетската ефикасност и со финансиските инструменти за имплементација на мерки за намалување на потрошувачката на енергија.

„Енергетската ефикасност е една од стратешките определби за Владата на Република Македонија, поради што беше донесена и Стратегија за енергетска ефикасност. Според досега направените анализи и врз основа на статистичките податоци, потрошувачката на енергија во резиденцијалниот дел изнесува околу 29% од вкупната финална потрошувачка на енергија, додека на комерцијалниот сектор тоа учество е околу 13%.  Значи, потрошувачката на енергија во зградите каде спаѓаат и големите угостителски објекти и хотелските комплекси изнесува повеќе од 40% од вкупната финална потрошувачка на енергија. Овој податок укажува дека потенцијалот за енергетски заштеди во овие два сектора е значителен. Во исто време, заедно со Амбасадата на Швајцарија организираме интензивни обуки со Академијата за хотелски менаџмент за мастер – обучувачи од Македонија, кои ќе се обучуваат во три области во хотелиерството. По завршување на обуките ќе добијат сертификати од Академијата. Сите овие активности се во насока на развој на секторот туризам во Македонија“, истакна министерот за економија Дритон Кучи.

Амбасадата на Швајцарија го препознава потенцијалот и економските можности на туризмот во Македонија и го поддржува развојот на овој сектор преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.

„Нашата поддршка за развој на туризмот во Македонија, покрај развојот на вештините на туристичките работници на што работиме заедно со Министерството за економија и швајцарската Академија за хотелски менаџмент од Луцерн, е и во насока на промоција и подобрување на енергетската ефикасност во хотелите за да се подобри и нивната атрактивност за меѓународните туристи“, изјави Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија во Македонија.

Жанина Стаменкова од „Делта проект“, како еден од организаторите на конференцијата објасни дека веќе се воспоставени контакти со речиси сите хотели во Македонија, кои покажаа голема заинтересираност за енергетската ефикасност, енергетските контроли и системите за управување со енергија.

На конференцијата, освен хотелите, учествуваа и фирмите со лиценца за енергетска контрола, така што беше дадена можност да се остварат контакти за соработка, што е и една од целите на програмата ИМЕ. Покрај тоа, беше промовирана и можноста за поддршка на три заинтересирани хотели за спроведување енергетска контрола и на еден хотел за спроведување на мерките за енергетска ефикасност.  

Скопје, 18.10.2016