Министерот Кучи се сретна со словенечкиот министер за економски развој и технологија Почивалшек

20.10.2016 10:15:40

Министерот за економија Дритон Кучи реализираше билатерална средба со неговиот словенечки колега Здравко Почивалшек. Ова е втора средба на двајцата министри, после минатомесечниот Бледски стратегиски форум, на кој министерот Кучи учествуваше на панел-дискусијата за туризам, па туризмот беше една од темите на кои двајцата министри разменија искуства и на денешната средба, вклучувајќи и идеи за интензивирање на туристичката соработка.

Така, за воспоставување на поинтензивна соработка меѓу двете држави беше предложено да се разгледа можноста за склучување на Договор за соработка во областа на туризмот меѓу Република Македонија и Република Словенија, со кој би се овозможило зајакнување на постојаните контакти и воспоставување нови, како и проширување на соработката од страна на туроператорите, преку аранжмани со туристичка понуда од двете земји, промовирање на туристичките понуди и слично, како и потребата од воспоставување на чартер линии помеѓу туристичките дестинации од двете земји, во текот на главната туристичка сезона.

Министерот Кучи му се заблагодари на својот словенечки колега и за проектот УНИДО, кој беше обезбеден преку Словенечкиот билатерален проект за техничка помош, а со кој преку низа активности се реализираше кластерското здружување на Охридскиот и Тиквешкиот регион и даде солидни резултати.

Двајцата министри разговараа и за трговската размена меѓу двете земји и можностите за нејзино интензивирање. Имено, Република Словенија е еден од позначајните трговски партнери на Република Македонија и постојано е меѓу првите 20 земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Минатата година таа го зазема 14-то мeсто, а во периодот јануари – август 2016 година е на 12-то место на листата на земји со најголем обем на размена, забележувајќи раст на извозот за 15%, и помал раст на увозот од 7,8% во однос на истиот период од 2015 година.

Кучи и Почивалшек разменија мислења околу можностите за одржување на заедничка владина седницa, за што Македонија веќе има искуство со  Република Србија, додека Република Словенија со Италија и Унгарија. Како активности кои би придонесле за продлабочување на соработката меѓу двете земји беа споменати и можностите за одржување на седница на Мешовитиот комитет за економска соработка, одржување на трилатерална средба помеѓу Македонија, Словенија и  Турција, како и одржување на Единасеттата седница на Мешовитата комисија по Спогодбата за стопанска соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија.

Скопје, 19.10.2016