Промовирано првото сертификационо тело за потврдување на квалитетот на својствата на градежните производи во Македонија

20.10.2016 14:08:57

 „ГИМ сертификација“, како посебна организација во рамки на Градежниот Институт Македонија, денеска беше промовран како прво сертификационо тело за потврдување на квалитетот на својствата на градежните производи во Република Македонија. Ова тело е формирано врз основа на сертификатот СТ-010 издаден во септември 2016 година од Институтот за акредитација на Република Македонија и Решението за именување на тело за сертификација на градежни производи во октомври 2016 година од страна на Министерството за економија.

По тој повод министерот за економија Дритон Кучи истакна: „Со стекнувањето на статус на сертификационо тело за потврдување на квалитетот на својствата на градежните производи во Република Македонија ќе се оствари значаен чекор во реализација на визијата на Градежниот Институт Македонија да биде успешно признат како национален и меѓународен лидер во сите области на градежништвото, со цел понатамошно обезбедување на позиција на пазарот на енергетика и животна средина“.

За значењето на градежништвото и градежната индустрија говорат и статистичките податоци, според кои во 200-те најпрофитабилни индустриски компании во Република Македонија, градежништвото учествува со околу 6.500 вработени или околу 35 друштва. Од економски аспект, пак, на годишно ниво компаниите од градежништвото имаат обрт од околу 600 милиони евра.

„За да продолжи трендот на градежната експанзија, од посебно значење е квалитетот на градежните производи кои се вградени во градежните објекти. Затоа е потребен континуиран развој во процесот на производство на градежни производи и создавање на производи кои ги задоволуваат европските стандарди, кои се лабораториски испитани и безбедни“, рече Кучи. 

Градежниот Институт Македонија веќе 40 години развива уникатен бренд на сериозна и развојно-ориентирана фирма во областа на планирање, истражување, проектирање, контрола на квалитет, но и надзор и градежништво. Генералниот директорот на ГИМ, Михо Јаневски, во своето обраќање пред присутните истакна: „Градежниот институт со ова ја докажува својата лидерска позиција во доменот на своите услуги кои ги нуди во Македонија и пошироко во регионот и ова претставува континуитет и продолжување на првата акредитација за лабораторија за градежни прозиводи која ја добивме во 2009 година“.

Со ова се овозможува отпочнување на целосна примена на Законот за градежни производи, со кој се уредуваат пазарните услови за компаниите кои полагаат на својот квалитет, а со тоа ја подобруваат својата конкурентност.

 

Скопје, 20.10.2016