Кучи: Над 25 милиони денари за реставрација на Чаршијата – бисерот на Скопје

22.10.2016 15:00:14

„Ќебапот-чаршиски бисер на соживот“ беше насловот на традиционалната мултикултурна и  мултиетничка манифестација манифестација која еднаш годишно се случува во Старата скопска чаршија, во организација на Општина Чаир, Македонско-бугарската стопанска комора и Министерството за економија, а чија цел е продлабочување на бизнис соработката меѓу чаршискиот еснаф и враќање на сјајот на чаршијата и живото во неа.

Министерот за економија Дритон Кучи, потенцирајќи дека еснафот, обединет во различноста,  го создава и одржува животот во чаршијата, потсети на континуираната поддршка што  Министерство за економија ја дава за занаетчиите и за Старата чаршија, со цел да се збогати ова уникатно градско јадро.

„Веќе 7 години по ред, помагаме во зајакнување на еснафот и подобрување на конкурентноста на занаетчиството преку субвенционирање на занаетчии. Годинава обезбедивме 1.600.000 денари и имаме 12 одобрени барања, додека за проекти на занаетчиските здруженија беа обезбедени дополнителни 910.000 денари. Со новиот Закон за занаетчиство донесен минатата година, креиран согласно потребите на занаетчиите, направивме поедноставување на процедурите и ставивме ред во овој важен сегмент од нашата економија“, рече Кучи, додавајќи дека во насока на разубавување на Чаршијата, Министерството за економија заедно со Општина Чаир, а преку Здружението „Еснаф“ , се рализира проектот за конзервација, санација и адаптација на излозите на 60 дуќани во Блокот 3.2.

„Минатата година Министерството за економија за проектот издвои 2.6 милиони денари, годинава дополнителни 6 милиони, а денеска, со посебно задоволство сакам да ве информирам дека тоа што го ветив и го исполнив, односно обезбедивме дури 20 милиони денари за овој проект за идната 2017 година,  со што се надеваме дека ќе се опфатат сите дуќани што исполнуваат услови за уредување“, информираше Кучи.

Претседателот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеши, изјави дека општината ги поддржува сите активности кои го имаат за цел развојот на чаршијата, а нивната институција ќе поддржи секаков проект кој оди во прилог на бизнисот и зачувањето на културното наследство.

Претседателот на Македонско - бугарската стопанска комора, Зоре Темелковски, рече: „Преку поддршката на Министерството за економија и преку амбициите на општина Чаир и на нејзиниот градоначалник, Изет Меџити, како и нашата носталгија и емотивна врска со Чаршијата, по трет пат реализраме иницијатива за Старата скопска чаршија, како значајно место на културата за градот и државата. Чаршијата е храм на културата и историјата“.

Претседателот на Еснафот на Чаршијата, Бејтула Морина се заблагодари на сите институции кои ја помагаат Чаршијата која, како што кажа, постои со векови, но за да постои и многу наредни векови, па и на идните поколенија да им биде оставена во најдобра можна состојба. 

Манифестацијата, која започна на платото пред Скендер Бег, продолжи со прошетка низ Чаршијата, со посета на дуќаните со реновирани излози и и неодминливите скопски ќебапчилници, а финишираше со трибина на тем: „Неразјаснети законски надлежности – бариера за развој на Старата скопска Чаршија“.

Скопје, 22.10.2016