Незири: Поддршка на еснафот во Старата чаршија за поголеми бизнис перспективи

02.11.2015 11:00:00

Денеска министерот за економија Беким Незири се обрати на манифестацијата „КАЛДРМА-МАТИНЕ“ во организација на Македонско-Бугарската стопанска комора а со поддршка на Министерството за економија, општина Чаир и Стопанска комора на Северо-западна Македонија, чија цел е со бизнис и културни проекти да се врати сјајот на еден од најавтентичните простори на главниот град - Скопската чаршија како место на еснафот и соживотот. 

„Факт е дека еснафот е тој што ја држи чаршијата жива, а нејзината главна карактеристика е што еснафот во неа е обединет во различноста.  Затоа, како Министерство за економија и како Влада, го поддржуваме еснафот за да го збогатиме и продлабочиме животот на ова уникатно градско јадро, истакна министерот Незири, додавајќи дека секоја година, веќе 6 години по ред, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво се дава помош во зајакнување на еснафот и подобрување на конкурентноста и одржливоста на занаетчиството преку субвенционирање на занаетчии и преку кофинансирање на проекти за поддршка и промоција на занаетчиството во Република Македонија, за што годинава обезбедени се 1 милион денари, додека за проекти за кои аплицирале и занаетчиските здруженија е обезбеден дополнителен 1 милион денари.

Министерот Незири информира дека Министерството за економија, заедно со Општина Чаир го спроведува проектот за регулирање на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија, дека се работи на проектирање на Блок 3-2, кој опфака 60 дуќан, при што за секој дуќан ќе се направи посебен проект за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на дуќаните, при што посебно ќе се води сметка да не се изгуби автентичноста и културната вредност на самиот објект.

Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски го потенцира значењето на инфраструктурното поврзување.

„За да стигнеме до калдрмите што се живот, до овие сокаци на  историјата, нам ни треба модерните магистрални дијагонали на поврзаност со соседите. Македонија, Албанија и Бугарија имаат обврска меѓусебно да се поврзат со европски коловози за брзо и сигурно патување кон иднината“

Според градоначалникот на Чаир Изет Меџити, чаршијата  има живот и потенцијал, а ние имаме должност, рече тој, да направиме спој на вековната традиција и модерното живеење.

„Затоа Општина Чаир презема низа активности со кои на Старата скопска чаршија и дава нова, модерна димензија. Таа била и треба да биде центар на економскиот и општествениот живот, авангарда на времето. Манифестацијата „Калдрма матине“ е продолжување на сите наши заложби за чаршијата“, рече Меџити.

Претставници од бизнис-заедницата, од стопанските комори, од планските региони и од уметноста на манифестацијата дискутираа како традицијата и модерното да се спојат и да се ребрендира ова старо урбано јадро, кое ќе се облагороди и со творештвото на уметниците. Тие имаат идеи  во чаршијата да се направи сокак на уметноста, каде ќе има сликарски ателјеа и изложби на отворено, и сокак на висока мода со дуќани на брендирани модни новитети и организирање ревии на места низ чаршијата. 

Организаторите на настанот потпишаа и Меморандум за соработка за да ги реализираат проектите кои заедно ги планираат.

 

Скопје, 31.10.2015