Министерот Кучи додели субвенции за 6 компании кои спроведуваат ХАЛАЛ стандард

31.10.2016 16:09:23

 Министерот за економија Дритон Кучи денеска во рамки на посетата на Исламска верска заедница, ги додели Решенијата за исплата по повикот за субвенционирање на претпријатија за воведување и сертифицирање на ХАЛАЛ систем, на шест компании и тоа: „Виапром“, „Витаминка“, „ХИТ 73“, „Анета Компани“, „Кенди“, и  „Гудас мит„.

„Овие компании во текот на 2016 година за своите производи вовеле ХАЛАЛ стандард, со цел подобрување на нивната конкурентност,  користејќи ја поддршката од Министерството за економија за кофинансирање на 70% од докажаните трошоци направени за оваа намена, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој деловен субјект – барател на средствата“, истакна министерот Кучи.

Министерот информираше дека во последните три години (2014, 2015 и 2016 година), откога сертифицирањето на ХАЛАЛ системот го врши Агенцијата за ХАЛАЛ стандард во Македонија, Министерството за економија ги има кофинансирано трошоците за воведување и сертификација на ХАЛАЛ систем на вкупно 25  компании, при што се потрошени буџетски средства во вкупен износ околу 5 милиони денари, додека пак, до 2013 година, додека сертификацијата на ХАЛАЛ стандардот ја вршеше Агенцијата за сертификација од Тузла, ХАЛАЛ стандардот го вовеле 11 компании од Македонија, а 4 билево процес на сертификација во тој период.

Тој потсети дека воведувањето на овој стандард не само што ја подобрува конкурентноста на претпријатијата и го олеснува настапот на нови пазари, туку и ги приближува производите до синонимот “здрава храна“ т.е. храна со минимално количество на адитиви, за која расте интересот на потрошувачите, независно на верската припадност, дава дополнителна вредност на производите и услугите, го зголемува нивото на свесност за безбедност на храната и го зголемува нивото на интеркултурните комуникации помеѓу земјите и прифаќањето на различностите во светот.

„Да не заборавиме дека светскиот ХАЛАЛ пазар се проценува на 650 милијарди долари, а европскиот на околу 66 милијарди долари годишно, што значи дека ХАЛАЛ пазарот е најбрзо растечки пазар“, рече Кучи.

Министерот воедно информираше дека оваа мерка е предвидена и за идната година, за која се планирани средства во износ од 1.400.000 денари, што треба да претставува поттик за компаниите веќе да започнат со подготовките за сертифицирање и аплицирање по мерките од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година. 

Реисул – Улема на ИВЗ во Република Македонија, Хафз Сулејман ефенди Реџепи се заблагодари на министерот Кучи за поддршката што ја дава на институтот за сертифицирање со ХАЛАЛ стандард.

„Главната цел на оваа субвенција што ја доделува Министерството за економија, и за која ние ги охрабруваме компаниите е што повеќе компании да се пријават за ХАЛАЛ стандард, и да се подобри конкурентноста и да се отворат можности за да влезат на нови пазари. Воведувањето на овој систем во производството на храна е дополнителна гаранција дека потрошувачите ќе имаат здрава храна и квалитет на услуги“, истакна Реисот.

Скопје,31.10.2016 година