Награди за општествено одговорни практики за 19 проекти

04.11.2016 13:12:44

Десет статутеки, 8 плакети и 1 признание за најинвентивна практика добија најуспешните компании на деветтото издание на Националната награда за општествена одговорност, која се реализираше во организација на Министерството за економија и на националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата, а поддржан и од на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, во рамки на Проектот „Општествена одговорност за сите“, кофинансиран од Европската Унија.

Станува збор за големи и мали и средни претпијатија кои во периодот од 3 јуни до 15 август 2016 година, доставија свои проекти на конкурсот за доделување на Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија, реализирани во текот на 2015 година и првите пет месеци од 2016 година.

Во поздравното обраќање пред присутните, министерот Кучи, кој и ги врачи статуетки на првонаградените, упати честитки за сите 38 проекти со кои компаниите аплицираа.

„Ова покажува дека концептот на општествена одговорност станува составен дел на работењето на деловните субјекти во Република Македонија, по примерот на европските. Со него тие дирeктно ја подобруваат сопствената конкурентност на глобалниот пазар, ја зголемуваат додадената вредност на нивните производи и услуги, го подобруваат угледот и имиџот на претпријатијата и работат на долгорочен успех во бизнисот“, истакна Кучи, потсетувајќи на првиот стратешки документ - Националната агенда за ООП на РМ 2008-2012 година – кој треба да биде основа за изработка среднорочна Стратегија за ОО на РМ, за што е неопходна поддршка од меѓународната заедница, а сите споменати активности, од кои е добиено признание и од страна на Канцеларијата на Обединетите нации за соработка ЈУГ-ЈУГ, имаат за цел споделување на нашиот успешен пример со други земји.

Претседателот на Координативното тело за ООП, Александар Николов посебно се заблагодари на посветената работа на стручните жири комисии, составени од 16 претставници на јавниот и граѓанскиот сектор и на компаниите – учеснички.

„Во Координативното тело позитивен впечаток ни прави што компаниите честопати аплицираат со проекти што се инспирирани од примерите што ги имаме наведено во Насоките за аплицирање за Наградата, кои од следната година ќе бидат збогатени со нови. Ова е само потврда дека општествено одговорното однесување на компаниите е патување, а не дестинација. Како што се менува земјата и општеството, растат очекувањата за што е тоа општествено одговорно однесување на компаниите. Она што било доволно добро вчера, може повеќе да не е доволно добро денес, а сигурно нема да биде доволно утре“, рече Николов.

Според извршниот претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, македонските компании се општествено одговорни, но понекогаш за тоа не се свесни.

„Генерално, македонските компании се општествено одговорни, меѓутоа мораме да признаеме дека за тоа тие не се свесни, бидејќи воведуваат и спроведуваат практики кои сè уште не успеале да ги препознаат дека можат да бидат од корист, односно им треба малку повеќе знаење и развивање на свеста за да ги препознаат добите практики за да можат да ги истакнат и да бидат нивна додадена вредност“, изјави Бошков.

Националната награда се доделува деветта година по ред, а во изминатиот период вкупно 165 македонски претпријатија пријавија речиси 500 општествено одговорни практики, со кои ја покажаа својата посветеност и грижа за општеството и животната средина. 

 

Скопје, 04.11.2016