Кучи: Мерките за енергетски заштеди имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните

07.02.2017 11:43:26

 Министерот за економија Дритон Кучи на прес конференција ги промовираше мерките за енергетски заштеди во домаќинствата кои се во рамки на годинешнава Програма за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски  прозорци во домаќинствата.

„Подобрување на квалитетот на живот на граѓаните е еден од нашите приоритети, кој се применува и во енергетскиот сектор, преку политики кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност. Со тоа придонесуваме и кон остварување на глобалната заложба за заштита на човековата околина, како и одговор на потребата за поголема сигурност во снабдувањето со енергија. Затоа годинава воведовме нова стимулативна мерка, која се однесува на надоместување на 50% од трошоците за купени и вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци. За оваа намена обезбедивме 20 милиони денари буџетски средства“, истакна министерот Кучи.

Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен’’, а максималниот износ на субвенцијата по домаќинство може да достигне до 500 евра.

Министерот за економија се осврна и на веќе познатата, но сѐ уште актуелна стимулативна мерка во врска со надоместување на трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата, која години наназад, започнувајќи од 2007 година, па до денес успешно се реализира.

„За оваа намена во Буџетот на Министерството за економија за 2017 година, согласно интересот, обезбедени се повеќе средства, односно дури 16 милиони денари. Со оваа стимулативна мерка се надоместуваат дел од трошоците во износ од 30% од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра по домаќинство. Остварувањето на правото на надомест за оваа мерка е по пат на јавно извлекување кое ќе се одржи на 22 септември 2017 година“, објасни Кучи.

Со реализација на овие стимулативни мерки, за кои пред една недела беа објавени и јавни огласи со условите кои треба да бидат исполнети од страна на апликантите, се промовира поголемо учество на обновливите извори на енергија, унапредување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина, земајќи ги предвид сите обврски кои ги има преземено Република Македонија како земја која претендира да стане дел од Европската Унија.

Но, како што потенцираше Кучи, овие мерки истовремено имаат за цел да го подобрат и квалитетот на  живот на граѓаните на Република Македонија и подигање на јавната свест за придобивките од искористувањето на обновливите извори на енергија и примената на мерките за заштеда на енергија во домот. Граѓаните веќе покажуваат голем интерес за овие две мерки, а во Министерството за економија почнаа да пристигнуваат и првите апликации. 

 

Скопје, 07.02.2017