Незири: Со вложување во општествено одговорни проекти, компаниите вложуваат во својата конкурентност

04.11.2015 15:27:00

Mинистерот за економија Беким Незири учествуваше на 6-тиот Партнерски состанок на Црвениот крст на Република Македонија, кој има за цел да ја поттикне меѓусебната соработка на одржливи партнерства за општествено одговорни проекти, со кои ќе се подобри квалитетот на живеење на ранливите категории во општеството.

„Општествената одговорност не е задача само на големите и богатите компании, кои можат дел од својот профит да го насочат во пошироката заедница. Компаниите, без разлика на нивната големина, веќе се свесни дека со вложувањето во општествено одговорни проекти вложуваат во својата конкурентност, најмногу поради тоа што овие практики станаа предуслов за работа и извоз на странски пазари, особено на пазарот на Европската Унија. Од аспект на странските инвеститори, пак, општествената одговорност е еден од начините за намалување на перцепцијата за ризик за инвестирање во земјата“, истакна министерот Незири во своето обраќање и потсети дека Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија, која Министерството за економија ја додели осма година по ред, покажа дека освен тоа што квантитативно расте бројот на компаниите коишто применуваат и иницираат општествено одговорни практики, подеднакво расте и квалитетот на практиките.

„Годинава имавме 50 пријавени проекти, и 34 компании учесници. Ова е доказ дека Наградата која ја востановивме, ја постигнува целта – да се прошири кругот на деловни субјекти што настојуваат да работат одговорно кон социјалното опкружување“, додаде Незири.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија д-р Саит Саити го изрази своето задоволство што  Црвениот крст сè повеќе се потврдува како лидер во граѓанското општество во промоција на општествената одговорност на претпријатијата и се докажува како вистински партнер на компаниите во реализирање на голем број проекти. 

„Во изминатиот период Црвениот крст на РМ оствари партнерска соработка со над 30 компании во земјата за заедничка имплементација на голем број проекти за поддршка на различни целни групи на население во заедниците. Интенција на Црвениот крст е оваа партнерска соработка да се развива и унапредува со поголем број компании, кои ќе бидат дел од големото семејство на поддржувачи на хуманата мисија на Црвениот крст. Дополнителна вредност претставува имплементацијата на проектите со активно учество на вработените од компаниите, со што се јакне свеста кај вработените и нивните семејства за потребата од вложување за подобрување на животот во заедницата, како потврда за нивната социјална одговорност“, рече Саити. 

На состанокот учествуваа претставници на деловните субјекти, институциите и дипломатските претставништва во Република Македонија. 

04.11.2015