Министерот Кучи се сретна со амбасадорката на Египет, Н.Е. Ел Шанави: Македонија има позитивен имиџ во Египет

23.02.2017 14:22:30

Министерот за економија Дритон Кучи денеска прими делегација од Арапската Република Египет, предводена од Амбасадорката на оваа земја во Република Македонија,  со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Манал Џеина Ел Шинави. Во рамки на делегацијата беше и шефот за трговија на Египет за Источна Европа, со седиште во Букурешт-Романија, г-дин Абдел Рахман Рауф и политичкиот советник Г-дин Мохамед Мохсен Амин.

На средбата Министерот Кучи и амбасадорката Ел Шинави разговараа за можностите за соработка меѓу двете држави во сферата на туризмот, енергетиката, трговијата и минералните суровини.

Министерот Кучи ја информира египетската делегација за туристичките потенцијали на нашата земја, за одличните услови кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори, за енергетските проекти во кои би можеле да се приклучат и египетски компании.

Амбасадорката Ел Шинави истакна дека Македонија во Египет е позната како прекрасна земја со многу убави места за туристички посети. На состанокот стана збор за можноста за поврзување на двете земји со чартер летови, што секако би придонело за зголемување на бројот на туристи во двете земји.

Двајцата соговорници се согласија дека треба да се организираат што повеќе Б2Б средби меѓу компаниите и туроператорите, а во двете земји да се промовираат туристичките капацитети.

Скопје, 23.02.2017