Кучи: За 2017 година обезбедивме 1,4 милиони денари финансиска поддршка за ХАЛАЛ систем

24.02.2017 15:55:15

Министерот за економија Дритон Кучи денеска ги поздрави присутните на меѓународната конференција, организирана од Агенцијата за ХАЛАЛ стандард  во Република Македонија,  во соработка со институтот ГИМДЕШ за ХАЛАЛ истражувањa од Република Турција, на која присуствуваа и Реис ул Улема на ИВЗ на РМ Хаџи Сулејман еф. Реџепи и преставникот на Светскиот ХАЛАЛ Институт Мурат Сајин. Во рамки на конференцијата за потребите на интерните аудитори во компанииите кои спроведуваат ХАЛАЛ беше одржана и обука за ХАЛАЛ - Тајјиб производи.

Присутните го нагласија значењето на оваа конференција и на обуката одржана од страна на врвни меѓународни експерти, како од аспект на размена на искуства за можностите кои ги нуди воведувањето на ХАЛАЛ-системот, така и од аспект на подобрување на конкурентноста на компаниите и настап на нови пазари.

„Министерството за економија, препознавајќи го значењето од воведување на стандардите за квалитет за деловните субјекти, а со цел да обезбеди континуирана поддршка на економијата и компаниите, веќе петта година по ред ја реализира мерката - финансиска поддршка за ХАЛАЛ систем,  во рамки на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво. Од крајот на 2013 година, откако ИВЗ основа сопствена Агенцијата за ХАЛАЛ стандард во Македонија, која е единствена надлежна институција за воведување и сертификација на овој стандард кај нас, Министерството за економија им ги кофинансираше трошоците на вкупно 25 компании, со вкупно 5 милиони денари буџетски средства, а пред тоа, додека сертификацијата ја вршеше Агенцијата за сертификација од Тузла, ХАЛАЛ стандардот го воведоа 11 компании од Македонија, а  4 беа во процес на сертификација“, истакна Кучи, упатувајќи покана до деловните субјекти да ги искористат средствата обезбедени во годинешниот буџет во вредност од 1,4 милиони денари за оваа намена.

На обуката беа обработени темите за процедура за сертифицирање на ХАЛАЛ – Тајјиб Стандардот, за ХАЛАЛ сертификацијата и меѓународното опкружување, критичните контролни точки и ХАЛАЛ системот за обезбедување, ХАЛАЛ сертификацијата од аспект на исламското право и ХАЛАЛ колењето на добиток.

Агенцијата за спроведување на ХАЛАЛ стандардот во Македонија додели 74 сертификати за интерните аудитори во компанииите кои спроведуваат ХАЛАЛ, кои присуствуваа на оваа денешната обука, како дел од конференцијата. На министерот за економија Дритон Кучи му беше врачено признание за подршката која ја дава Министерството за економија во вид на субвенции за компаниите кои спроведуваат ХАЛАЛ стандард.

Скопје, 24.02.2017