Бектеши на „Македонскиот енергетски форум 2021“: Северна Македонија е прва држава што изработи Национален план за енергија и клима, инвестициите во производство на чиста енергија се наш приоритет

13.09.2021 14:00:58

Скопје, 13.09.2021 година   Политиките на Министерството за економија во областа на енергетиката се фокусирани на енергетската транзиција, енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Владата на Северна Македонија кон крајот на 2019 ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 која што предвидува  намалување на потрошувачката на енергија за 27% но при истовремено зголемување на БДП и зголемување на учеството на обновливи извори на енергија од сегашните 18 на 45% во 2040 година.

Ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши кој денеска учествуваше на „Македонскиот енергетски форум 2021-Мапирање на енергетската иднина“.

Министерот Бектеши говореше на панел сесијата насловен „Придонесот на Западен Балкан кон Зелениот договор на Европската унија„

„Министерството за економија како креатор на политиките за енергетика со усогласување на Законодавството во областа на енергетиката создава  основа за развој на енергетиката и енергетска транзиција. Стратешкото планирање на политиките и идните чекори ќе допринесат за навремено и правилно постигнување на зацртаните цели. Северна Македонија е прва држава што изработи Национален план за енергија и клима кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност кој ќе биде донесен во октомври оваа година“ кажа министерот Бектеши и додаде дека Северна Македонија е лидер меѓу земјите Договорни страни на енергетска заедница со изготвувањето на овој план.

Министерот потенцираше дека енергетската транзиција поттикнува намалување на стакленичките гасови поради што се размислува за затварање на термоцентралите во земјата, но и изградба на нови хидроцентрали, гасни централи и зголемени инвестиции во изградба на фотонапонски централи.

“Министерството за економија во 2019-2020 година успешно спроведе  тендерски постапки за доделување на право на користење на премија за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште за вкупен инсталиран капацитет од 62 MW, по што беа склучени вкупно 35 Договори за право на користење на премија. Досега изградени се вкупно 4 фотонапонски електроцентрали на приватно земјиште со инсталиран капацитет од 2,5 MW. Минатиот месец беше објавен  нов Јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали на приватно замјиште за вкупен инсталиран капацитет од 80 MW и истиот е отворен до 05.10.2021 година“ кажа министерот Бектеши и потенцираше дека покрај ова Владата даде согласност за изградба на две фотонапонски централи по принцип на јавно-приватно партнерство со вкупен инсталиран капацитет од 100 MW и ќе се градат на постојната инфраструктура на ТЕЦ Осломеј.

Бектеши потенцираше дека гасификацијата на Македонија е уште еден клучен момент за енергетската транзиција и диверсификација на енергетските ресурси .

“Во моментов има еден прекуграничен гасовод со Бугарија, имајќи ги предвид целите за намалување на емисии на стакленички гасови и ЕЕ, како и за подобување на сигурноста во снабдувањето со конкурентни цени, целта на Македонија е да се спроведат проектите за изградба на гасоводи на природен гас кон Грција, Косово и Србија. Преку гасоводот кон Грција, Македонија може да пристапи до Трансјадранскиот гасовод преку грчкиот преносен систем (DESFA), кој носи природен гас од Каспискиот регион во Европа, но исто така ќе овозможи пристап до светските пазари и на ТНГ преку Грција. Се очекува овој проект да овозможи пристап до ликвидни пазари и да го стимулира влезот на трговци на природен гас на македонскиот пазар. Ова ќе овозможи поголема конкуренција и пазарно поставени цени на природниот гас што ќе обезбеди одржливост на секторот, со конкурентни цени. Во моментов, проектот е во фаза на финализирање на меѓусебната физибилити студија по што треба да следи поднесување на апликација за финансирање и започнување со изградбата“ кажа министерот и додаде дека гасоводот кон Србија и Косово може да обезбеди дополнителен алтернативен извор и можност за транзит.