Бектеши: Досега исплатени 23 милиони денари за 2.000 ваучери за домашен туризам за работници со ниски приходи

12.11.2021 19:32:26

Скопје.12.11.2021 година   По завршување на изборниот процес  Министерството за економија започна со исплата на финансиска поддршка за мерката-ваучери за користење на средства за организиран одмор на работници со ниски приходи.

Досега се исплатени над 23 милиони денари за околу 2.000 ваучери искористени во домашните хотелски капацитети, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил

Согласно Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи за 2021 година за оваа мерка се предвидени 38 милиони денари за околу 3.500 домаќинства.

Според Јавниот повик, потврда-ваучер за користење на средства за организиран одмор на работници со ниски приходи можеа да добијат сите граѓани чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари и кои аплицираа на Јавниот повик кој беше објавен на 8 јуни 2021 година.

Согласно крајниот рок во Министерството за економија пристигнаа над 4.000 апликации.

Ваучерите за туризам може да се користат најдоцна до 30 ноември 2021 година во домашните туристички капацитети кои што се пријавија на Јавниот повик на Министерството за економија.

Поддршката на туристичкиот сектор е наш приоритет.