Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерството за економија и труд презема мерки за заштита на работниците во услови на топлотни бранови

Министерство за економија и труд Министерство за економија и труд

Скопје 25.06.2025  

 

Министерството за економија и труд ја известува јавноста дека согласно усвоената Информација за спроведување на мерки од Фаза 3 на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025 – 2030), активно ги координира и имплементира препораките за заштита на работниците и подобрување на работните услови во летниот период. 

 

Во услови на екстремни топлотни бранови, Министерството ги повикува сите работодавачи во јавниот и приватниот сектор да ги применуваат следните мерки: 

 

-Одложување на работните активности во најтоплите часови од денот, од 11 до 17 часот, особено за работници кои се изложени на директна топлина; 

 

-Воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо; 

 

-Обезбедување на соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25°C, освен каде што природата на работниот процес тоа не го дозволува; 

 

-Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа, со исклучок на вработените во критична инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија). 

 

Министерството за економија и труд ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции. 

 

Овие мерки имаат за цел да ги намалат ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените, како дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови. 

 

Министерството ја повикува јавноста и бизнис секторот на соработка и одговорност во спроведувањето на препораките за заштита на работниците и обезбедување безбедни и здрави работни услови. 

 

За дополнителни информации и насоки, Министерството за економија и труд стои на располагање.

Мени за пристапност